МАКЕДОНИЈА ОДБРОЈУВА ДО ЕП – Разговор со БОШКО ЃУРОВСКИ: „Ќе изненадиме на ЕВРО 2020, цел Балкан ќе навива за Македонија!“

Во очекување на најголемиот настан за македонскиот фудбал во историјата, првото учество на најдобрата национална репрезентација на Европско првенство, ЕКИПА издвојувајќи ги најзначајните фудбалери, личности и настани од нашата фудбалска историја, се до 11. јуни преку серијал-текстови како најава за тоа што ги очекува Горан Пандев и соиграчите на УЕФА Евро 2020!

=================================================================================================

Во годината кога Македонија слави 30 години фудбалска независност, конечно најдобрата македонска репрезентација ќе го почувствува настапот меѓу најдобрите на Стариот континент. Првпат во историјата македонската репрезентација ќе се појави на ЕВРО-шампионат под капата на УЕФА. Погледнувајќи наназад низ историјата, пак, мал е бројот на Македонци кои и во рамките на селекцијата од поранешната заедничка држава успеале да го почувствуваат духот на европското првенство.

Сепак, и тоа како македонскиот фудбал има легенди кои биле незаменлив дел од националниот тим. Меѓу нив и Бошко Ѓуровски, член на првата наша репрезентација во независна Македонија, но и поранешен селектор на националниот тим кој, како што вели, е горд што македонската репрезентација ќе биде дел од најдобрите.

„Да бидеме искрени настапот на Македонија на Европското првенство е гордост за секој Македонец. Посебно, можеби, за сите нас што сме биле дел од репрезентацијата. Сон кој долго го чекавме“ – вели Бошко Ѓуровски во разговорот за ЕКИПА.

Ѓуровски е еден кој и го „кроеше“ на некој начин и овој состав соработувајќи со дел и од актуелните репрезентативци кои се селектирани за настап на ЕВРО 2020.

„Да, многу добро го знам квалитетот на дел од репрезентативците со кои и јас соработував, и сигурно овој резултат не е никаква случајност. Но, да бидам искрен, клучот на успехот е во тоа што се имаше трпение. Јас кога се разделив со Фудбалската федерација на Македонија откако дојдов во конфликт со поранешниот претседател Илчо Ѓорѓиоски, една работа му посочив на раководството. И пред јавноста соопштив дека Македонија не смее да си дозволи честа промена на селектори. Уште тогаш кажав дека на македонската селекција и треба селектор кој ќе работи на долги патеки, најмалку два циклуси, четири години. И токму поради тоа, од извесна причина и дојдоа резултатите откако Игор Ангеловски доби во неколку наврати продолжување на договорите и ете повеќе од пет години е на клупата на репрезентацијата“ – истакнува Ѓуровски.

А, околу очекувањата…

„Македонија навистина може да изненади на Европското првенство. Јас верувам во тоа, затоа што имаме една одлична селекција. Но, мора да кажам дека сега сум навистина воодушевен од играта на македонската репрезентација. Играме модерен фудбал со еден висок пресинг, без разлика дали играме против Сан Марино или против Германија. Очигледно е дека се има еден променет менталитет. Фудбалерите повеќе веруваат во себе и тоа ги прави посигурни на натпревари, подрски кон секој противник. Така треба да играме и во Букурешт и во Амстердам. Навистина од срце им посакувам успех на репрезентативците“.

Кој е најголемиот квалитет на националниот тим?

„Без размислување средниот ред. Тоа со што македонската репрезентација долги години се мачеше претходно сега го има како свој најголем квалитет. Адеми и Барди се феноменални фудбалери, а тука се уште Алиоски, Елмас, Николов и секако со капитенот Горан Пандев… Средниот ред сега ја прави разликата во квалитет“.

Како во Србија беше прифатен успехот на македонската репрезентација и пласманот на Европското првенство?

„Со воодушевување. Верувајте, иако имаше разочарување зошто Србија не успеа да се пласира, сите со огромна радост го прифатија пласманот на Македонија. Исто така се прифати и последната победа над Германија. Знам дека целиот Балкан ќе навива за Македонија на ЕП“.

Бошко Ѓуровски деновиве е гостин на Охрид каде заедно со ветераните на Црвена Звезда ќе биде дел од јубилејот „100 години охридски фудбал“.

„Многу се израдував кога слушнав за иницијативата и поканата да бидеме гости во Охрид. Убеден сум дека сите ќе уживаат во Охрид, а оние кои прв пат доаѓаат ќе се заљубат во градот. Сите треба да го почитуваат примерот на Охрид, да се повикуваат клупските легенди од сите клубови од поранешната Југославија, бидејќи само на тој начин ќе се разбуди љубовта кон фудбалот и спортот. Инаку, мора да кажам дека чест и привилегија е да се биде дел од клуб каков што е Црвена Звезда. Чувството на поврзаност е неверојатно и немам вистински зборови со кои можам да ја опишам мојата љубов кон Црвен Звезда. Најзаслужен за наклонетоста кон Црвена Звезда моја и на брат ми Милко е нашиот татко. Црвена Звезда мене се ми даде во кариерата и во животот“ – вели Бошко Ѓуровски.

Се вчитува...