Македонија одбројува до ЕП: Сите Македонци во Серија А – од Николиќ, преку Панчев и Пандев, до Елмас!

Во очекување на најголемиот настан за македонскиот фудбал во историјата, првото учество на најдобрата национална репрезентација на Европско првенство, ЕКИПА издвојувајќи ги најзначајните фудбалери, личности и настани од нашата фудбалска историја, се до 11. јуни преку серијал-текстови како најава за тоа што ги очекува Горан Пандев и соиграчите на УЕФА Евро 2020!

Низ неколку текстови наредниот период, најпрво, ги издвојуваме сите македонски фудбалери кои биле дел од ТОП 5 најдобрите европски лиги. За старт, од денеска, на точно 100 дена пред ЕП – Македонците кои ја почувствувале Серија А во Италија!

============================================================================================================================

Македонија во својата историја, почнувајќи од 1928 година, има вкупно 44 фудбалери кои ја почувствувале моќта на ТОП 5 најсилните лиги во светот (Италија, Англија, Шпанија, Франција и Германија). Од нив девет Македонци изминативе 70 години одиграле барем една минутa во најсилната италијанска лига – Серија А, од Спасоје Николиќ па се до Елиф Елмас.

Спасоје Николиќ (1922 – 1978) од Битола е првиот македонски фудбалер кој играл во Серија А. Во сезоната 1949/50 настапуваше за Венеција во најсилната италијанска лига одбележувајќи 18 настапи, притоа со еден постигнат гол. Во сезоната 1950/ 51 исто така играше за Венеција, но во Серија Б. Николиќ претходно играл и за ФЦ Париз во Лига 1 во Франција, а кариерата ја завршува во Рен од 1951 до 1953 повторно во најсилната француска лига.

Најуспешниот Македонец кој е, без сомнение, и икона на Серија А е секако Горан Пандев. „Гранде Пандев“ досега има 463 настапи во Серија А, за Анкона, Лацио, Интер, Наполи и Џенова, со досега 97 постигнати голови, а во очекување и на толку посакуваната стотка!

Покрај Николиќ и Пандев, дел од Серија А во историјата биле и Дарко Панчев, Илија Несторовски, Александар Трајковски, Агим Ибраими, Стефан Ристовски и Горан Славковски, па се до последниот кој се пресели на Апенините, Елиф Елмас во дресот на Наполи. Дури пет фудбалери од вкупно 9 Македонци кои настапувале во Серија А во историјата, се актуелни репрезентативци кои ќе настапат и на престојното Европско првенство.

Најмалку, само еден настап, има Горан Славковски во дресот на Интер. Момчето кое беше најавувано како огромна ѕвезда на европскиот фудбал, и кој беше повикан за настап и во македонскиот репрезентативен дрес, ниту најмалку не ги исполни предвидувањата на фудбалската јавност, неславно прерано завршувајќи ја фудбалската кариера.

СИТЕ МАКЕДОНСКИ ФУДБАЛЕРИ ВО ИСТОРИЈАТА КОИ ЈА ПОЧУВСТВУВАЛЕ СЕРИЈА А

1. Горан Пандев (2003-14; 2015-) – (Анкона, Лацио, Интер, Наполи, Џенова)

Настапи: 463, Голови: 97

2. Илија Несторовски (сезона 2016-2017; 2019-) – (Палермо, Удинезе)

Настапи: 80, Голови: 16

3. Елиф Елмас (2019-) – (Наполи)

Настапи: 46, Голови: 3

4. Aлександар Трајковски (2015-17) – (Палермо)

Настапи: 43, Голови: 4

5. Дарко Панчев (1992-1993; 1994-95) – (Интер)

Настапи: 19, Голови: 3

6. Агим Ибраими (2013-14) – (Каљари)

Настапи: 25, Голови: 2

7. Спасоје Николиќ (1949-1950) – (Венеција)

Настапи: 18, Голови: 1

8. Стефан Ристовски (2014-15) – (Парма)

Настапи: 6, голови: /

9. Горан Славковски (2005-06) – (Интер)

Настапи: 1, Голови: /

 

Се вчитува...