Македонската репрезентација е пред нова историја за домашниот фудбал со промоција во Б-дивизијата во Лигата на нациите на УЕФА, за првпат од формирањето на ова репрезентативно натпреварување во 2018 година. По веќе одиграните четири натпревари Македонија е убедливо на првото место во Групата 4 од Ц-дивизијата, па вечерва против Летонија од 20:45 часот пред домашните навивачи на својата арена „Тодор Проески“ во Скопје, игра за заверка на првото место.
Без сомнение, желбата на македонските репрезентативци и стручниот штаб, на чело со селекторот Благоја Милевски, e на најдобар можен начин да се заокружи настапот сезонава во Лигата на нациите, онака и како што се почна изминативе два месеци. Со максимален ефект и две победи во ноември македонскиот репрезентативен фудбал може да дојде до серија рекорди, како домашни така и интернационални, со кои уште еднаш би го потврдиле потенцијалот и на оваа нова репрезентација која се гради во периодот од септември 2023 година.
Со победа на првиот ноемвриски натпревар против Летонија на 14 ноември, Македонија, како и дефинитивно првопласирана во групата, ќе биде прва селекција која ќе избори пласман во повисок ранг на натпреварување во Лигата на нации, а првпат во 30-годишното репрезентативно постоење, по претходните победи над Ерменија (2-0, 0-2) и Летонија (0-3), би имала серија од четири едноподруго врзани победи. Со две победи во ноември, пак, може да дојде и до серија од пет победи по ред. А-репрезентацијата првпат од своето постоење има и три едноподруго победи во низа без примен гол. Па, таа серија може да продолжи и со последните два ноемвриски натпревари во Лигата на нации.
Иако селекторот Милевски изјави дека под знак прашалник е капитенот Енис Барди за денешниот меч, сепак позитивно е тоа што капитенот вчера беше заедно со соиграчите на официјалниот тренинг.
„Денеска не очекува сосема нов меч од оној од Рига и мора максимално да влеземе во мечот за да ја потврдиме добрата форма. Овие момци без разлика на проблемите од клубовите, секогаш за Македонија го оставаат тоа зад себе и даваат максимум. Го имаат мојот респект. Нивниот карактер е на највисоко ниво и секогаш даваат се од себе на тренинг во клубовите. Тие се во свој филм кога играат за Македонија и забораваат на се. Секој си има свој план, фокусот е како ние ќе одиграме. Подготвени сме и се ќе зависи од нас самите, самите си одлучуваме и целта е првото место“, изјави Милевски.
Слично размислува и репрезентативниот голман, Столе Димитриевски.
„Не чувствуваме притисок. На секој меч се борам да не примам гол. Најважно е да победиме и да останеме на првото место. Тоа беше нашата цел и пред оваа Лига нации, тоа е нашата цел и за овие два последни натпревари“, изјави Димитриевски.
Но, она што е и тоа како специфично во битката за две победи, е фактот дека македонската селекција во континуитет вторпат едноподруго, во два последователни циклуси, по оној за пласман на СП 2022, со две победи во ноември може да дојде до сериозна можност и за нов бараж за Светско првенство – што би бил најголем успех на македонскиот фудбал. Дел од 16 селекции кои ќе разигруваат за место на светскиот собир во 2026 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА