Репрезентацијата на Македонија за ракометарки до 19 години моќно го стартуваше настапот на ЕХФ-шампионатот што се одржува во Скопје, откако вечерва лесно и убедливо ја совладаа селекцијата на БиХ со резултат 39-28. Новиот координатор Љубомир Савевски очигледно за кратко време остави силен печат врз играта на „црвено-жолтите“, кои и без повредената Седлоска делуваа моќно на теренот, целосно доминирајќи во однос на противникот. Цврстата одбрана беше клучен фактор, од неа произлегоа бројни лесни голови на спротивната страна за лесна победа на стартот од овој шампионат.
Дуелот беше израмнет во почетните пет минути (2-2), за потоа Македонија благодарение на цврстата одбрана да почне да им создава огромни проблеми на босанските ракометарки. Тоа придонесе да бидат постигнати лесни голови на спротивната страна, па педводени од одличната Јанкуловска (три гола во првите седум минути) нашата селекција поведе со 5-2. Босанките заиграа нешто подобро, македонските ракометарки во неколку ситуации го погодија дирекот од противничкиот гол, по што ривалот стигна до израмнување (6-6).
Левото крило Сара Миновска влезе во серија на погодоци, на спротивнаата страна погоди и Ризоска, па „црвено-жолтите“ во 21. минута повторно имаа водство од три гола (12-9). Во ситуација кога бевме со играч помалку по исклучувањето на Џатевска, Македонија одигра добро во одбраната, постигна и два погодоци и поведе со 15-11. Пред крајот на полувремето се разбрани и голманката Марија Јовановска, а реализациите на спротивната страна донесоа и убедливо водство од 17-11. На одмор се замина со предност на Македонија од 17-12, откако нашите ракометарки не реализираа пенал во последната минута од полувремето.
Одличната одбрана од крајот на првото продолжи и на стартот од второто полувреме, одлично беа затворени приодите кон нашиот гол, па дури и во ситуација со играч помалку повторно делувавме подобро на теренот, поведувајќи со убедливи 21-13. Миновска повторно блесна во нападот, па во 41. минута предноста изнесуваше уште поубедливи „плус девет“ (23-14). Дамјановска погоди од контранапад за прво двоцифрено водство на Македонија од 24-14 во 43. минута. Удобната предност беше задржана до самиот крај, за лесен триумф од 39-28 и најава за добро издание на нашите млади ракометарки на овој шампионат.
Македонија е слободна на утрешниот дел од шампионатот, а нашите ракометарки в понеделник ќе го играат својот втор меч, против селекцијата на Фарските Острови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА