Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска стартува со настапот на Меѓународнит турнир во Анталија. Во првиот натпревар (17 ч.), избраничките на селекторот Симе Симовски за противник ја имаат селекцијата на Русија.
Покрај овие две репрезентации, на турнирот во Анталија учестуваат и репрезентацијата на Литванија и на домаќинот Турција.
Трите контролни натпревари на овој турнир се во склоп на подготовките на македонската репрезентација за претстојниот бараж против Шведска за пласман на СП 2017 во Германија што ќе се одигра на 10 и на 13 јуни.
Селекторот Симовски за овие три контролни натпревари на располагање има 17 ракометарки меѓу кои е и повратничката во националниот состав, Мирјета Бајрамовска. Во поширокиот состав за овој собир беа повикани 23 репрезентативки. Зоре Десподовска откажа уште пред стартот на подготовките поради повреда, а потоа за настапот во Турција отпаднаа уште пет ракометарки.
Во последната селекција, место во репрезентативниот состав го загуби и Сара Митова. Левото крило на Вардар СЦСЈ неодмана преку својот профил на Фејсбук изрази незадоволство од односот на „управата, структурите и раководителите на македонскиот ракомет“ по одигрувањето на финалниот натпревар во Супер лигата на кој Вардар ја потврди шампионската титула, а Вардар СЦЈС стана македонски вицешампион.
На турнирот во Анталија, македонската репрезентација настапува во следниот состав: голмани – Наташа Антиќ, Матеа Серафимова, Драгана Петковска, крила – Јована Саздовска, Сара Ристовска, Наташа Нолевска, бекови – Мирјета Бајрамовска, Теодора Керамичиева, Дајана Јовановска, Габриела Величковска, Симона Стојановска, Душица Ѓоргиевска, Елена Ѓоргиевска, Елена Ливриниќ, пикери – Ивана Гакидова, Марија Николиќ, Сања Дабевска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА