МАКЕДОНИЈА ПО ЧЕТВРТИ ПАТ ПО РЕД НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО: Одбојкарите повторно се наша радост!

Македонската одбојкарска репрезентација повторно ја радува спортска Македонија со четвртиот едноподруго пласман на Европско првенство!

Во последниот натпревар од Групата Ф во квалификациите за ЕП 2026, македонските одбојкари како што беше неопходно (неизбежна победа од 3-0) славеа со убедливи 3-0 (25-13, 25-16 и 25-17) против селекцијата на Грузија со што избраниците на Јошко Миленкоски го освоија второто место и како една од петте најдобровторопласирани селекции во квалификациите повторно се најде меѓу најдобрите на Стариот континент.

Предводени од капитенот Никола Ѓоргиев, „Спартанците“ убедливо го почнаа натпреварот апсолутно доминирајќи против немоќните Грузијци и повеќе од лесно добивајќи ги првите два сета со вкупно 21 поен разлика.

Кога се чинеше дека само рутински ќе се заокружи и третиот сет, сепак, Грузијците пружија најголем отпор на крајот, па дури имаа и водство и од 9-11. Но, потоа следеше повторно максимална концентрација на македонските репрезентативци кои со сериија од 9-1 дојдоа до 18-12. И веќе беше се јасно!

Во продолжението, веќе само рутински се одржуваше и зголемуваше предноста за конечни 25-17 во третиот сет и потребна победа од три сета разлика, 3-0.

Очекувано најдобар поединец во македонскиот состав како предводник на уште едно наше учество на Европско првенство беше Никола Ѓоргиев со 16 поени, а Љафтов заврши со 12 поени. Милев запиша 9 поени, а по осум поени Маџунков и Ѓорѓи Ѓорѓиев.

Од нашата квалификациска група на ЕП оди и Грција со четири победи од исто толку натпревари, а Македонија, квалификациите ги заврши со две победи и два порази.

Се вчитува...