Атлетската репрезентација на Македонија се наоѓа на шестото место по првиот ден на Европскиот тимски шампионат – трета група, кој се одржува во нашата земја.
Најдобар во машка конкуренција во нашиот табор беше Јован Стојоски кој триумфираше на трката на 100 метри остварувајќи најдобро лично време од 10.73 секунди, со што на Македонија и донесе максимални 13 поени. Стојоски оствари феноменален резултат и на 400 метри каде заврши како третопласиран, а делницата ја истрча за 46.94 секунди што е негово најдобро време, како и нов државен рекорд на Македонија до 23 години.
Кај дамите максимални 13 поени на Македонија и донесе најдобрата македонска атлетичарка Дрита Ислами која беше најдобра на трката на 400 метри со пречки, остварувајќи време од 1:00.81 минути. Ислами беше одлична и на трката на 400 метри која ја истрча за време од 56.72 секунди, што и донесе победа во нејзината група, а вкупно трето време на шампионатот.
По првиот ден Македонија се наоѓа на шестото место со вкупно 141.50 поени. Првопласирана е репрезентацијата на Србија која собра 230 поени, пред Исланд со 222 поени, а на третото место се наоѓа Босна и Херцеговина со 206 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА