Ракометната репрезентација на Македонија во еден израмнет и тврд натпревар загуби од репрезентацијата на Хрватска со 26-23 во мечот во Пореч кој се игра како дел од подготовките за настап на Европското првенство 2026 година.
Македонија го отвори мечот со водство од 0-1 и 1-2 со головите на Џонов и Митев. Сепак, домаќинот брзо реагираше и презеде контрола, па по нашиот промашен седмерец за првпат стигнаа до плус два (4-2).
Кузмановски и Ристевски (со својот дебитантски гол за сениорската репрезентација) брзо вратија на 4-4. Капитенот имаше шанса повторно да не донесе во водство од седум метри, но не успеа. Хрватска го искористи тоа и повторно побегна на плус два (6-4), но нашите момци уште еднаш израмнија. До 15. минута резултатот беше изедначен 7-7, но потоа нападот на Македонија застана. Хрватска со серија од три гола без одговор стигна до плус три 10-7 на стартот од 20. минута. Пешевски го прекина постот, но само привремено – домаќинот набрзо дојде до највисоки плус четири (12-8). Митревски со шестата одбрана спречи уште поголема негатива, а Кузмановски од седум метри и Јагуриновски ја намалија негативата на 12-10. На полувреме Хрватска замина со предност од 14-11.
Голема борба донесе второто полувреме. Нашите ракометари одлично одиграа, посебно во фазата на одбрана па со голот на Џонов на седум минути до крајот успеавме да дојдеме на само еден негатива (22-21). Во следниот период се играше гол за гол, а во последните две минути Хрватите влегоа со минимална предност од 24-23. Хрватите беа посконцентрирани во финишот и на крајот стигнаа до конечен триумф од 26-23.
Филип Кузмановски со седум гола беше прво име во нашиот табор, додека Џонов и Серафимов постигнаа по три. Митревски собра 12 интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

