Женската ракометна репрезентација на Македонија успеа да оствари нов одличен резултат, триумфирајќи со 22-37 на гостувањето против Азербејџан, победа со која нашата национална селекција вторпат по ред ќе биде дел од еден континентален собир. Откако пред две години учествуваа на ЕП 2024 како домаќини, овојпат македонските репрезентативки успеаја да ги минат квалификациите, па со досегашни три победи и два пораза (двата од фаворитот Шпанија) на едно коло до крајот веќе го имаат визирано учеството на континенталниот собир.
Денешниот меч почна со одлично издание на Македонија и рано водство од 0-4, но домаќинките успеаја да се разбудат и набрзина стигнаа до израмнување од 5-5. Азербејџанките парираа до 11-12, за во последните десетина минути од првото полувреме Македонија да заигра на повисоко ниво и да успее резултатски да се одлепи. Јанкуловска даде важен гол во период кога имавме играч помалку на теренот, деморализирајќи ги противничките кои се повеќе грешеа во своите напади како што одминуваше времето. Избраничките на селекторот Грчевски знаеја како да го искористат тоа, одиграа маестрално во завршницата од полувремето, на одмор заминувајќи со убедливи седум гола предност (12-19).
Саздовска постигна гол на самиот почеток од второто полувреме, најавувајќи дека нашите ракометарки планираат да ја продолжат доминацијата и по паузата. Азербејџанскиот селектор побара тајмаут при 16-24, но Македонија продолжи со одлична игра на теренот, со голот на Сара Ристовска поведувајќи со 17-27 во 43. минута. Убедливото водство беше дополнително зголемено, па нашите ракометарки сосема заслужено го добија овој меч со резултат 22-37.
Саздовска со седум и Ристовска со шест погодоци беа најефикасни во нашиот табор, Коларовска постигна пет, а Младеновска четири гола во оваа убедлива победа.
Македонија до крајот на овој квалификациски циклус в недела на домашен терен ќе ја пречека Литванија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА