Македонската ракометна репрезентација денеска во 16 часот ќе го дознае својот противник за баражот за претстојниот мундијал, што следниот јануари ќе се одржи во Данска и во Германија. Желбата на „црвено-жолтите“ е јасна, да се одржи континуитетот од настапи на големите натпреварувања и на овој мундијал, откако претходно Македонија беше дел од мундијалите во Шпанија (2013), Катар (2015) и Франција (2017 година).
Пласманот во втората рунда од ЕП 2018 овозможи Македонија повторно да ја има улогата на носител, па со самото тоа ќе ги избегне потешките ривали како Хрватска, Норвешка, Словенија и поразениот од големото финале меѓу Шпанија и Шведска.
Од неносителите најпосакуван ривал дефинитивно е Литванија, како и селекцијата на Швајцарија која би требало да стигне до „службена победа“ над БиХ. Македонија би важела за голем фаворит и против Холандија, па и против Португалија иако Португалците знаат да бидат многу опасни, пред се на домашен терен. Селекција што сите наши ракометари би сакале да ја избегнат е Унгарија, ривал против кого имаме непријатни искуства и во квалификациите и при настапите на големите натпреварувања.
НОСИТЕЛИ: Шпанија/Шведска, Македонија, Чешка, Хрватска, Норвешка, Словенија, Белорусија, Србија, Исланд.
НЕНОСИТЕЛИ: Австрија, Црна Гора, Унгарија, Литванија, Холандија, Португалија, Романија, Русија, Швајцарија/БиХ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА