Македонија вечерва во натпревар против Велс, игра за пласман на едно од првите две места, кои носат можност да обезбедиме пласман на идниот Мундијал во 2026 година. Белгија која е главен фаворит во групата „Ј“, а Македонија се очекува да води битка со Велс за второто место на табелата.
Ако се сака пласман на позицијата број 2, тогаш вечерва Македонија ќе мора да најде начин да го совлада Велс, или да остане непоразена.
„Ова ќе ни биде најтешкиот натпревар откако сум јас селектор, со оглед на околностите кои се случуваа и надворешните фактори“, рече Милевски, мислејќи на трагедијата во Кочани.
Приходот од билетите вечерва ќе биде наменет за сите настрадани во Кочани, по трагедијата која се случи на 16. март.
„И пред мечот со Лихтенштајн и сега има големи емоции. Самата подготовка за овие мечеви е тешка поради околностите, и се надевам дека никогаш нема повеќе да имаме вакви околности. Затоа сакам да им се оддолжиме на навивачите со добра игра и добар резултат“, изјави Милевски на прес-конференцијата.
И голманот Столе Димитриевски емотивен на прес-конференцијата, истакна дека вечерва сите ќе го дадат својот максимум за да им подарат малку љубов на тие семејства и тие луѓе.
„Беше навистина тешко да се подготвуваме во вакви околности. Ми беше тешко после тој настан, не можев да спијам. На македонскиот народ му треба љубов, да бидеме сплотени сите заедно целиот народ и јас сме шокирани, и затоа сега треба сплотеност и љубов, за тие фамилии и тие луѓе“, рече Димитриевски.
За Милевски, Велс е фаворит на вечерашниот дуел…
„Според ранкингот на Велс и квалитетот на нивните играчи и клубовите каде играат во Премиерлигата или Чемпионшип. Фаворитската улога е кај нив, а наше е да бидеме максимално подготвени за утрешниот меч. Велс е најсериозен проитвник откако сум јас селектор. Компактна екипа, силна екипа и затоа ќе мораме да бидеме на нашиот максимум и тактички, и тркачки и физички“, вели селекторот на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА