Бевме многу подобри од Азербејџан, на наш, домашен терен во СРЦ „Кале“. Во ноември ја совладавме и Ирска, на гостински паркет во Даблин. Вечерва од 18 часот, во салата во „Градски парк“ во Скопје, најдобрите македонски кошаркари бараат и трета победа по ред во „А“ групата од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година, два бода со кои ќе бидеме многу поблиску до целта – премин во следниот натпреварувачки круг.
По многу години, од 9.септември 2006 година, Македонија ќе биде во улога на домаќин во салата во „Градски парк“, комплетно реновирана во изминатиот период, и подготвена да ги прими сите заинтересирани за вечерашниот дуел, во кој на теренот „црвено-жолтите“ уште еднаш ќе ги поведе Војдан Стојановски.
„Играме против Луксембург, една добра репрезентација во која шутираат сите кои што се во моментот на теренот. Селекција која игра без класичен центар, што говори дека форсираат брза игра за која треба да најдеме соодветен одговор“ – смета Стојановски.
Предводникот на нашиот национален тим вели дека енергетскиот момент е еден од клучните за вечерашниот триумф. Заедно со добра дефанзива која „црвено-жолтите“ треба да ја презентиираат во дуелот со селекцијата која исто така има две победи во првите две кола од претквалификациите.
„Наше е да дадеме се од себе, да го потрошиме и оној последен атом од нас. Да имаме добра енергија и тоа како потребна за ваков вид на натпревари. И со една добра игра во одбраната да стигнеме до победата“ – потенцира Стојановски, пред натпреварот кој, извесно, ќе се игра пред полни трибини со оглед на тоа дека повеќе нема влезни билети во продажба.
ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОБАСКЕТ 2029
ГРУПА „А“ – ДВОЈКИ 3. КОЛО
18 ч.: МАКЕДОНИЈА – Луксембург
20.30 ч.: Ирска – Азербејџан
ТАБЕЛА
1.МАКЕДОНИЈА 2 2 0 175:125 4
2.Луксембург 2 2 0 184:167 4
3.Ирска 2 0 2 153:177 2
4.Азербејџан 2 0 2 139:182 2
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

