ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Ракометната репрезентација на Македонија претрпе пораз (36-24) на првиот меч од ЕП 2026, сосема очекуван ако се знае дека за противник го имавме домаќинот, воедно и актуелен светски и олимписки прввак, селекцијата на Данска. Скандинавците одиграа одличен меч во кој сепак имаа осцилации што ги искористивме да не им дозволиме премногу да се одлепат во првото полувреме. Сепак, во вториот дел следеше нова серија лесни погодоци на „црвено–белите“, кои на крајот заслужено стигнаа до двоцифрена победа. Македонија покажа борба, желба, но во ситуација кога против себе ја имавме најдобрата репрезентација на денешницата, тоа беше недоволно за да се избегне убедлив пораз.
Лазаров се реши за почетен состав со Томовски на голот, Кузмановски, Митев и Велковски на бековската линија, Самоил Ристевски како пивот и Џонов и Никола Костески како крила (промена Костески Лазаров во напад – одбрана). Томовски отвори со одбранет зицер, а Митев стрелаше мајсторски за почетно водство од 1-0. Дуелот беше израмнет до 3-3 по првиот погодок на Мартин Велковски, по што Данците додадоа гас и со пет гола во низа поведоа со 8-3.
Нивната серија за момент ја прекина Митев, во минута подоцна Данска стигна до најубедливите 10-4. Македонија имаше одговор откако во серија влезе Мартин Серафимов и намаливме најпрвин на „минус четири“, а потоа преку Стојковиќ и на три гола негатива (13-10). Јакобсен побара тајмаут, Данците се консолидираа и до крајот на полувремето ја зголемија предноста до 17-12.

Вториот дел почна фуриозно, со пет гола за две минути и водство на Данска од 20-14. Домаќинот повторно почна да доминира, па Лазаров во 38. минута побара тајмаут при резултат 22-15. Македонскиот селектор го изротира тимот, на голот застана Галевски, но Данска продолѓжи да доминира и во 44. минута стигна и до првото двоцифрено водство на мечот (27-17). Резултатот на десет минути до крајот беше 30-20 по две одлични одбрани во низа на Нилсен, нашите голмани немаа одбрана во првите 25 минути од второто полувреме, пред Галевски конечно да запре еден зицер од контранапад на данските ракометари. На четири минути до крајот разликата беше десет гола, но нашите грешки ги казни Гидсел со два гола од контранапад за конечни 36-24.
Серафимов со шест гола беше најдобар поединец во македонскиот табор, по четири постигнаа Митев и Кузмановски, а три погодоци реализираше Мартин Велковски.
Следен предизвик за нашите ракометари е дуелот од второто коло во групата против Португалија, закажан за в недела со почеток во 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

