Македонија доби солидна група за СП 2019 што ќе се игра во Данска и во Германија, нашиот национален тим ќе биде дел од групата Б што ќе се игра во Минхен, Германија, а за ривали доби добро познати селекции. Хрватска, Шпанија, Исланд, Бахреин и Јапонија се ривалите со кои нашите ракометари ќе ги одмерат силите, во обид да стигнат до едно од првите три места на табелата, кои носат пласман во следната рунда.
Раул Гонзалес како селектор ќе ги одмери силите со Лино Червар, кој пред него беше на кормилото на нашиот национален тим. Червар ја напушти Македонија и ја презеде Хрватска, а овој дуел ќе биде мотив плус и за голманот Борко Ристовски, кој неправедно беше избришан од поранешниот селектор за претходниот мундијал во Франција.
Од Шпанија имаме лоши спомени, поради поразите од „црвената фурија“ на дуелите на последниот мундијал, но и на претходното ЕП во Хрватска. Со Исланд се сретнавме во квалификациите за ЕП и забележавме една победа и еден пораз, а со оваа селекција на последниот мундијал во Франција одигравме нерешено, резултат што значеше и пласман во следната рунда.
Барем на хартија не би требало да имаме никакви проблеми против Јапонија и Бахреин, селекции што не смеат да се потценат, но квалитативно дефинитивно се зад македонскиот национален тим.
По промената на пропозициите, сега по првата фаза не се оди директно во нокаут-натпреварување, туку најдобрите три селекции од групите формираат нови групи. Од „германските групи“ во Берлин и Минхен, најдобрите шест одат на мегдан во Келн, додека оние најдобрите од Данска ќе се соберат во Хернинг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА