Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва против Холандија ќе го одигра натпреварот од 2. коло во групата Ц на Европското првенство во Скопје.
По воведниот очекуван пораз од олимпискиот шампион Франција (14-24), „црвено-жолтите“ девојки ќе се сретнат со Холандија која во воведната рунда славеше тешка победа над Романија.
Селекторот Љубомир Савевски пред мечот вели дека Холандија е една од најдобрите репрезентации во светот, но дека нивно е да дадат максимум и да се обидат да стигнат до изненадување.
„Работиме најмногу на тоа да ги мотивираме ракометарките. Важно ќе биде да имаме ден да биде нашиот голман на ниво и со полна сала да пробаме да ги изненадиме. Холандија ја победи Норвешка десет разлика и тоа кажува и повеќе од доволно за нивниот квалитет. Тоа е исклучително силна репрезентација, а ние треба да бидеме објективни. Навистина би бил премногу среќен ако се обидеме да ги изненадиме. Тие имаат исклучително брзи крила, затоа мораме да трчаме многу брзо и да се обидеме да ги покриеме. Наше е да се обидеме. Ние сме тука да покажеме дека можеме да се натпреваруваме и дека сме поквалитетени од тоа што сме реално“, изјави Савевски.
Слично размислува и голманката Јована Мицевска…
„Имаме уште два натпревари да се покажеме и да покажеме која е Македонија. Мора да одиграме на високо ниво против Холандија која е една од најдобрите репрезентации во светот. Наше е да дадеме максимум и да се обидеме со изненадување да оствариме пласман во втората рунда“, изјави Мицевска.
Натпреварот меѓу Македонија и Холандија кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан за во 18 часот. а
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА