Македонија против Лихтенштајн и за подобрување на серијата рекорди: Продолжување на низата без порази, Димитриевски со нови минути „чиста мрежа“

ЕКИПА во Вадуц,

Горан Бошев

Македонската фудбалска репрезентација утре на натпреварот против Лихтенштајн во Вадуц, на стартот од квалификациите за СП 2026, играјќи и за сите настрадани во ужасната трагедија во Кочани, може да дојде до ново подобрување на серија рекорди кои ги достигна низ минатогодишните настапи во Лигата на нациите.

Македонската селекција под водство на Благоја Милевски успеа по цели 30 години да го собори и рекордот на Андон Дончевски на најдолга победничка серија на македонската репрезентација. Националниот тим во моментов е со пет едноподруго победи по ред, и тоа првпат во историјата без примен гол, соборувајќи го рекордот на Дончевски кој на самите почетоци имаше четири едноподруго победи со националниот тим, но и сите четири на пријателски натпревари.

Но, Македонија во моментов го има и рекордот на најдолга македонска серија без пораз на официјални квалификациски натпревари. Македонија сега има низа од седум едноподруго натпревари без пораз (пет победи со Ерменија (2), Летонија (2) и Фарски острови, и две ремија со Англија и Фарски острови) на официјални дуели под капата на УЕФА. Последниот пораз на македонската репрезентација беше на 17 ноември минатата година од Италија на гостувањето во Рим. Сето тоа може да се продолжи на утрешниот дуел со Лихтенштајн.

Со победа утре против Лихтенштајн, Македонија може да дојде до убедливо најголем број победи во својата историја против една репрезентација, вкупно 11 од меѓусебните дуели со Лихтенштајн.

А, секако утре може и голманот Столе Димитриевски да го подобри сопствениот рекорд на несовладливост. Во моментов Димитриевски го држи апсолутниот рекорд во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал од 531 минута со незатресена мрежа.

Се вчитува...