Македонија првпат во својата историја ќе има можност да се бори за медал на едно европско атлетско првенство, откако Андреас Трајковски забележа извонреден успех со пласманот во финалето во скок во далечина на собирот на Европското првенство во сала кое се одржува во Апелдорн, Холандија.
Трајковски запиша историја за македонската атлетика која првпат ќе има свој претставник во финална дисциплина на Европско првенство! Па, вечерва со почеток од 20:34 часот Трајковски ќе се најде меѓу осумте најдобри на Стариот континент во битката и за освојување на европски медал.
Во синоќешните квалификации, Трајковски со скок од 7,85 метри заврши на 7. место, и се избори меѓу осумте најдобри во Европа. Беше пријавен со 13-ти резултат во оваа дисциплина, но успеа да се најде меѓу најдобрите осум!
„Незаборавен момент. Горд сум на овој историски резултат за Македонија, кој доаѓа по напорна работа изминатиов период“ – истакна веднаш по пласманот во финалето Андреас Трајковски.

Во конкуренција на вкупно 17 скокачи во далечина кои се појавија во квалификациите, Трајковски скокот од 7,85 метри, што е негов најдобар резултат сезонава, го имаше во последната трета серија. Претходно имаше скокови од 7,51 и 7,77 метри во првите две серии. Најдобар во квалификациите беше Португалецот Гелсон Барде со скок од 8,11 метри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

