Европската Ракометна Федерација (ЕХФ) е презадоволна од организацијата на овој европски шампионат, одиграните мечеви од првата групна фаза, како и почетните дуели од главната рунда на ЕП 2022 што се одржува во Скопје.
Претседателот Михаел Видерер не го криеше задоволството од она што го виде при кратката посета на нашата земја, откако во живо ги следеше вчерашните натпревари во СЦ „Борис Трајковски“.
„Јас долги години го следам македонскиот ракомет, уште од времето на Кометал ЃП, и растот од година во година е очигледен. Организациски од она што го видов, Македонија се покажа како одличен домаќин. Она што би го детектирал како мал проблем е слабата посетеност, но од друга страна и разбирам дека во овој дел од Европа женскиот ракомет се следи само на натпреварите на кои игра домашната селекција“, изјави Видерер.
„Македонија и претходно, низ младинските шампионати се покажа како добар организатор и сето тоа искуство сега го има применето овде. Се се одвива како што треба, позитивни се реакциите во овој дел и верувам дека се ќе остане во најдобар ред до самиот крај“, додаде Генералниот секретар на ЕХФ, Мартин Хауслајтнер.
Челниците на ЕХФ не ја затвораат вратата Македонија во иднина да добие шанса и како организатор на едно големо машко натпреварување, но само низ партнерство со уште неколку земји како што е и овој европски шампионат.
„Мислам дека е незамисливо за една мала земја сама да биде домаќин на едно Европско првенство особено сега кога има повеќе репрезентации учесници. Тоа реално можат да го остварат само големите земји, како Германија, Франција и можеби Шпанија пораеди бројот на елитни сали. Моментално Македонија би можела да биде организатор на Европско првенство во машка конкуренција како ко-домаќин, како и во овој случај со женскиот турнир. Да биде организатор на првата прелиминарна фаза или една група. Турнирите се веќе распределени до 2028 година, па за понатаму ќе видиме од 2030 година“, вели Михаел Видерер на оваа тема.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА