Македонија и Словенија играат нерешено, 11-11 по првото полувреме во групата Ц од ЕП 2018 во Загреб. Нашите ракометари повеќе од 20 минути се мачеа со цврстата одбрана на противникот, за во самиот финиш да покажат и квалитет и карактер и експресно да израмнат, по тајмаутот што го зеде Раул Гонзалес при резултат 8-11.
Мечот го почнавме многу слабо, па во првите тринаесет минути постигнавме само два гола, двата од пенали на Кире Лазаров што ги изнуди Миркуловски. Одбраната на чело со Ристовски е предалеку од посакуваното ниво, а потфрливме и во нападот, со два промашени зицери и еден нереализиран пенал на Лазаров во ситуација кога имавме двајца играчи повеќе на теренот.
Првиот гол од игра во 14. минута го постигна Стоилов, а откако Борко Ристовски го прими и шестиот гол (3-6), Гонзалес реши на негово место да го уфрли Митревски, во меѓувреме проработевме и во нападот, па Вујовиќ при водство од 5-7 самиот побара тајмаут. Митревски по минутата одмор одбрани два шута во серија, но нападот повторно влезе во криза, па сега нововлезениот Прибак промаши зицер во ситуација кога бевме со ракометар повеќе на теренот. Во следниот напад непрецизен беше и Георгиевски, па не успеавме да се вратиме резултатски во моментите кога ни се укажа шанса за такво нешто.
Стоилов изнуди исклучување од Вердинек, Манасков погоди пенал за 7-9, а имавме среќа една минута подоцна кога при 7-10 Забиќ шутна од својата половина кон нашата празна мрежа, но не беше прецизен. Стоилов како „лав“ се бореше на линијата, изнуди уште едно исклучување, но противникот сепак го одржуваше ритамот. Раул зеде тајмаут на резултат 8-11, веднаш потоа Кире Лазаров го постигна својот петти погодок. Митревски влезе во ритам и за неполна минута одбрани три удари, па Македонија се врати и со голот на Талески со самиот звук на сирената израмнивме на 11-11.
Фуриозниот финиш мора да биде искористен и за преостанатите 30 минути, откако покажавме дека можеме да им парираме на Словенците, па зошто да не им го земеме и скалпот на „бронзените“ од последниот мундијал
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА