Атлетската репрезентација на Македонија го освои седмото место на Европскиот тимски шампионат – трета група на кој нашата земја беше домаќин.
На вториот ден од натпреварувaњето на „Тодор Проески арената“ најдобриот македонски атлетичар Јован Стојоски постави нов рекорд на Македонија на 200 метри. Стојоски делницата од 200 метри на Европското тимско првенство ја помина за време од 21.35 стотинки, што е за пет стоти делови од секундата подобро од досегашниот рекорд кој беше во негова сопственост. Стојоски со истрчаното време од 21.35 стотинки го освои првото место на 200 метри, со што на Македонија и донесе максимални 13 поени од оваа дисциплина.
Дарио Ивановски на 3000 метри го освои третото место со време од 8:20.28 стотинки, со што на Македонија и донесе 11 бода во вкупниот пласман. За издвојување е и резултатот на Дрита Ислами која на 200 метри оствари време 25.65 стотинки, што беше доволно за четврто место во оваа дисциплина.
Македонија на тимскиот шампионат го освои седмото место од вкупно тринаесет репрезентации. Како првопласирана заврши атлетската репрезентација на Исланд која следната година ќе се натпреварува во повисок ранг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА