Македонската одбојкарска репрезентација врза втора победа по ред на домашен терен во Златната европска лига. Вечерва во „Борис Трајковски“ падна селекцијата на Хрватска по голема 2,5 часовна битка. Македонија од 2-0, дозволи противникот да се врати и не само што дојде до 2-2, туку и во петтиот сет да се влезе во израмнета битка. Сепак, со два поени во одлучувачките мигови на крајот дојде до триумф од 3-2.
Одличниот почеток на македонската репрезентација придонесе првиот сет да се добие со убедлива разлика од 25:17. Вториот сет како да ја разбуди Хрватска, но недоволно, па избраниците на Јошко Миленковски го добија со 25:22.
Во третиот сет дојде до мало опуштање во редовите на македонската селекција, па Хрватите со подобар финиш успеаја да намалат на 2:1, добивајќи го сетот со 22:25.
Драматично беше во четвртиот сет, кога Хрватска одлично отвори и имаше водство од дури 1:7. Меѓутоа како одминуваше сетот, Македонија се консолидираше, и успеа во финишот да стигне дури и до предност. Следуваше израмнет финиш во кој имаше крајно неизвесна завршница. Хрватите иако во неколку наврати губеа, сепак, на крајот со 31:29 стигнаа до израмнување во сетови 2-2.
Одлично Македонија го отвори третиот сет, и имаше цело време предност, но Хрватите успеаја да стигнат и да дојдат до 12-12. Сепак, нашите одбојкари успеаја да се изборат за меч топка, но ја загубија и мечот влезе во битка за разлика. Таму Македонија дојде до два поени и со конечни 16:14 го решија натпреварот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА