Постојат реални шанси Македонија да биде домаќин на Европското сениорско првенство во женска конкуренција во 2022 година што би го организирале заедно со Словенија и со Црна Гора, потврдуваат од Ракометната федерација на Македонија. На 1 септември заврши рокот за доставување писма со интерес, а ЕХФ денеска ги објави сите пристигнати кандидатури за организација на Европските првенства во 2022 и во 2024 година.
Од Ракометната федерација на Македонија испратија заедничка кандидатура за организација на ЕП 2022, со Словенија и со Црна Гора и според потврдата од ЕХФ, нема други противкандидати за домаќини на овој шампионат.
Во наредниот период ќе следуваат неколку фази за спроведување на кандидатурата, кои меѓу другото содржат инспекција на одговорните лица од ЕХФ и евалуација на кандидатурата. Конечната одлука за доделување на организацијата на ЕП 2022 ќе биде донесена во јуни 2018 година, на конгресот на ЕХФ, во Глазгов, соопштуваат од РФМ.
Доколку ЕХФ ја прифати кандидатурата, тоа ќе биде второ сениорско Европско ракометно првенство што ќе се одржи во Македонија. Претходно, Македонија беше домаќин на Европското првенство за ракометарки во 2008 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА