Македонија смени уште еден голем тренер – Манчини е подготвен да си поднесе оставка

Пред околу една година, Македонија славеше на гостувањето против моќната Германија среде Дуизбург, по што Германците неколку дена подоцна најавија дека се подготвени за разделба од долгогодишниот селектор Јоаким Лев. Тој остана на чело на националниот тим до ЕВРО 2020, за потоа да му го препушти своето место на Ханси Флик, кој во меѓувреме ја доврши сезоната во Баерн Минхен.

Историјата е на добар пат да се повтори, откако синоќешната историска победа во Палермо предизвика бура од реакции во Италија, со барање Роберто Манчини да си замине од кормилото на „аѕурите“. Иако првиот човек на федерацијата, Гравина истакна дека сака Манчини да остане, се чини дека самиот селектор е решен да си поднесе оставка, за да го тргне од себе товарот што би го следел во наредниот период, при секој нов неуспех што ќе значи потсетување на ова сицилијанско фијаско.

Според италијанските медиуми, Манчини во наредните денови самиот ќе се повлече од селекторската функција, а на Апенинскиот полуостров тврдат дека веќе се знае и името на новиот селектор. Тоа ќе биде Фабио Канаваро, светскиот шампион од 2006 година кој се врати дома по тренерската авантура во Кина и е сериозно заинтересиран да го предводи националниот тим. Канаваро крај себе би го имал екс-селекторот Марчело Липи, овојпат во улога на советник, во обид експресно да ја вратат репрезентацијата во живот по големиот шок и поразот од Македонија.

Се вчитува...