Македонија со две бронзени медали од Светското првенство во кик бокс

Македонските репрезентативци со две бронзени медали се враќаат од Светското кик-бокс првенство кое се одржуваше во Анаталија, Турција. Со бронзи се закитија Димитар Ѓорѓиев и Климент Гроздановски во дисциплината кик лајт.

Селекторот на македонската кик бокс репрезентација Дејан Митровски-Урко искажува задоволство од освоените медали, иако потенцира дека медалите ќе беа и посјајни доколку не беа судиските пристрасности.

„Се враќаме со две бронзи, иако ситници фалеа за сребро и злато. Во целина, нашите борци добро се бореа со мали пропусти во тактиката. Сепак, важно е дека беа подготвени за се што им беше кажано од наша страна од тренерскиот агол за време на борбите. Се што беше секундарно се спроведе и изврши од нивна страна. Тоа говори за техничко кондициската истренираност и психичка подготвеност на нашите натпреварувачи. Со настапот на Светското првенство за оваа година ги завршивме настапите на официјалните меѓународни првенства. Од следната година ветувам дека ќе имаме многу поголем успех, а дотогаш ќе работиме повеќе со натпреварувачите, но и со нашите судии, за да имплементираме што повеќе наши судии да судат на вакви меѓународни првенства, така би имале поголемо влијание во борбите да се одвиваат без судиска пристрасност“ – истакнува Митровски.

Се вчитува...