Aлен и Ружди Рустемовски освоија златни медали на Балканското првенство во бокс кое изминатите денови се одржа во Лозница, Србија.
На финалниот натпреварувачки ден Ален Рустемовски во финалето го совлада Украинецот Денис Роздолски, додека Ружди Рустемовски беше подобар од домашниот боксер Стефан Чамовиќ.
Ардијан Рустемовски, како што е познато, претходно го освои сребрениот медал откако во финалето загуби од Украинецот Зименко. Со бронзени медали се закитија Ебуталип Агушев, Лука Трифуновиќ, Тарик Весели, Димитар Ѓорески и Енис Алиу.
Националниот тим на Македонија на Балканското првенство го предводеа тренерите Владимир Цекиќ и Тархан Демиров додека во официјалната делегација на првенството беше судијата Стефан Цубалевски кој одлично се претстави на шампионатот.
„Како Национална боксерска федерација уште еднаш упатуваме искрени честитки до сите во нашиот национален тим кои кои достојно го претставија македонскиот бокс во Лозница и направија одличен успех и резултат со желба и надеж во иднина да бележиме уште поголеми успеси и да се радуваме на нови победи“ – истакнаа од Боксерската федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА