Младинската репрезентација на Македонија ја врза и втората победа во групната фаза откако вечерва по голема битка славеше над Белорусија со резултат 84-77. Фуриозниот финиш од натпреварот беше клучен, откако „црвено-жолтите“ се вратија од негатива од 13 поени, го свртеа резултатот во своја полза и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Првото полувреме мина во израмнета игра во која двете селекции се менуваа во водство, за на одмор да се замине со водство на Белорусија од 39-42. Во сличен ритам мина и третата четвртина, за потоа на стартот од последниот период Белорусите да заиграат фуриозно во нападот и да поведат со 56-69. При овој резултат противникот имаше и неуспешен обид за тројка, за потоа да дојдат „петте минути“ на македонските младинци. Мамузиќ ја почна серијата, а потоа одговорноста ја презеде Михајлоски и предноста на противникот се истопи. Ефремовски погоди тројка за водство на Македонија, по што го исконтролиравме резултатот до самиот крај, за значајна победа во борбата за пласман.
Мамузиќ и Ефремовски со по 19 поени беа најефикасни во нашата селекција, Михајлоски реализираше 12 поени, додека Тодоровски и Огњеновиќ имаа по осум поени како придонес во денешниот триумф.
Со оваа победа Македонија ја заврши групната фаза на третото место, зад Летонија и Белгија, а пред селекциите на Белорусија и на Азербејџан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА