Македонија со големи проблеми пред клучните мечеви: Хап ја обнови повредата, во „аут“ и Мекиќ…

Македонската кошаркарска репрезентација на крајот од овој месец ја очекуваат завршните две средби од квалификациите за Евробаскет 2025, на гостински терен со Естонија и пред своите гледачи против Полска.

Со две победи, со тоа што онаа во Талин би морала да биде над пет поени разлика, Македонија ќе обезбеди пласман на претстојниот европски шампионат, но оваа тешка мисија станува уште потешка ако се земат во предвид проблемите со ростерот што ги има стручниот штаб на чело со селекторот Јончевски.

Неиграњето на Американецот Хап беше значаен фактор за двата пораза од Литванија, а последните информации говорат дека центарот на Валенсија повторно има само минимални шанси за настап за нашиот национален тим.

„Хап пред две седмици се вратил на тренинзите во својот клуб, па повторно почувствувал болка во стопалото. Повредата е крајно незгодна, не се знае колку ќе паузира. Јас сум во редовен контакт со Хап, тој сака да помогне, но шансите за настап на последните две средби не се преголеми. Јасно е дека ни е неопходен и кошаркар во борба под обрачите, имав разговори и со Вајли, кој има настапувано за Македонија во минатото, но тој го оперирал прстот на раката пред неколку дена и дефинитивно нема да може да ни помогне“, изјави селекторот Јончевски за ЕКИПА.

Тоа не се единствените проблеми за „црвено-жолтите“, ако се знае дека Јончевски нема да може да смета ниту на Адем Мекиќ, кој се повреди при настап за својот тим во косовскиот шампионат.

„Таква е ситуацијата, отпадна и Мекиќ, го повреди рамото за својот тим во Косово, не настапува неколку седмици наназад и ќе мора да паузира уште извесен период. Проблеми има многу, но ние ќе се бориме по секоја цена, ќе сториме се за да стигнеме до позитивен резултат и на двата меча“, вели Јончевски.

Македонскиот селектор пред неколку месеци се пресели во шампионатот на Полска седнувајќи на клупата на Шлонск, веднаш успевајќи да го внесе овој тим во победнички ритам.

„Можам да кажам само најпозитивни работи за Шлонск и за работата во Полска. Дојдов во клуб каде условите за работа се беспрекорни, моја работа како тренер е да размислувам само за кошарка и за натпреварите…. среќен сум што резултатите од самиот почеток се позитивни, атмосферата е одлична и верувам во уште поголеми успеси во иднина“, оптимист е Алек Јончевски.

Се вчитува...