ЕКИПА во Прага
Горан Бошев
Македонскиот национален тим во 15:00 часот во Прага, го очекува најважниот натпревар во овој квалификациски циклус. „Гостуваме“ на Украина на неутрален терен во главниот град на Чешка во меч во кој и Македонија и Украина влегуваат со мотиви за победа, затоа што и за двете селекции ова е натпревар „да се биде или не“ за пласман на Европското првенство 2024 година.
Сигурно дека селекторот Благоја Милевски веќе го знае составот со кој ќе излезе на мегдан со Украинците на стадионот „Епет Арена“, домот на Спарта Прага. Се чини дека Милевски нема да отстапи од истата формација како против Италија и против Малта, која донесе резултат и на двата натпревари, со тоа што ќе има мали измени во тимот, пред се поради повредата на Ѓоко Зајков.
„Рецептот“ за Победа ќе се бара со Димитриевски на голот, и пред него тројца стопери и тоа Манев, Муслиу и Серафимов. На страничните позиции Ашковски оди на десната страна, со тоа што тука има дилема дали да почне Димоски, додека Алиоски оди на левата страна. Атанасов и Елези би требало да почнат во средниот ред, заедно со Барди кој оди нешто понапред. Елмас и Миовски ќе бидат во нападот, со тоа што Елиф ќе помага и во средниот ред во некои одбранбени задачи.
Ако излезе со овој состав Милевски, тогаш тој ќе наликува на оној на мечот со Италија во Скопје, со тоа што на местото на тогаш Зајков, сега ќе се најде Серафимов. Зајков го нема поради повреда заработена на дуелот со Малта во Валета.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

