ЕКИПА во Букурешт, Романија
Владимир Булатовиќ
Македонската фудбалска репрезентација со комплетно нов почеток. Мундијалски. Кој остава зад себе се од изминатиот период – настапите во Лигата на нации и пласманот на ЕВРО 2020, а фокусирајќи се сега единствено на желбата за остварување на сонот за пласман на најголемото светско репрезентативно натпреварување под капата на ФИФА – Светското првенство 2022 во Катар.
Македонија ја има убедливо најдобрата фудбалска генерација во историјата, на која сега е време да покаже дека умешно може и знае да се носи и со вистинскиот мундијалски пат. Пресметката против Романија на Националната арена во Букурешт вечерва од 20:45 часот е повеќе од добар почеток за потврда на квалитетот и можностите, согласно очекувањата на целокупната фудбалската јавност.
За тоа се свесни и селекторот Игор Ангеловски и репрезентативната соблекувална од каде повторно потенцираат дека се подготвени за успешен почеток на квалификацискиот циклус.
„Се радувам на можноста да се видам и да настапам против мои поранешни соиграчи кои ги знам долго време, ако се знае дека од 12-13 години пристигнав во Романија. Но, и покрај тоа што сме одлични пријатели, со некои од нив и како браќа, утре на терен ќе бидеме вистински противници, и нека победи подобриот. Бодот не би бил лош резултат. Романија ја носи фаворитската улога, но ние имаме свои цели и секако дека одиме на позитивен старт во новиот квалификациски циклус“ – вели Бобан Николов кој се враќа во својот фудбалски дом од каде преку Академијата на една од најголемите европски легенди, Георге Хаџи, се вивна во професионалниот фудбал.
А во професионалниот фудбал, репрезентативците се свесни дека пласманот на Европското првенство оваа година не ја исклучува желбата и императивот за остварување на мундијалскиот сон. Затоа ќе бидат неопходни бодови буквално од секој натпревар, во групата во која уште се и Германија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн.
Вербата е дека репрезентативниот мир не е нарушен поради „дневно-политичките размрдувања“ во македонскиот фудбал изминатиот месец. Репрезентативците ја потенцираат позитивната атмосфера како клучен момент повторно на терен да се демонстрира сиот квалитет кој не донесе претходно и до пласманот на Европското првенство. Сега, истата е неопходна и на патот до Катар!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА