Македонија со „нула“ кон Кардиф на решавачката пресметка

Македонија не успеа да ја победи Летонија пред финалниот натпревар со Велс во квалификациите за пласман на СП 2026. Вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“ на пријателскиот меч, немаше голови. Во првиот дел беше поинтересно и „поживо“ во однос на второто. Македонската репрезентација одигра натпревар со многу осцилации, со многу грешки, на моменти без идеја во завршница, а и со проблеми во одбраната. И оние прилики кои ги имаше нашата репрезентација, беа полесен или потежок плен за гостинскиот голман Матревич, кој може да биде прогласен за играч на мечот. Така Македонија без постигнат гол сега патува во Кардиф каде ќе го одигра ревашачкиот дуел за освојување на второто место во квалификациската група.

Првото полувреме беше поинтересно гледајќи од аспект на играта и на шансите. Двете репрезентации тргнаа со „отворен гард“, и како резултат на тоа дојдоа и приликите и на едната и на другата страна. Првата закана дојде од Македонија преку Ристовски кој го упати првиот удар кон голот на Летонија, кој го обрани Матревич.

Дека Летонија е дојдена по победа во Скопје покажаа нивните шанси во првиот дел од средбата. Само неефикасноста, односно недоволната концентрација на напаѓачот Гутковскис придонесе да не се тресе мрежата на Димитриевски. Летонскиот голгетер имаше шанса најпрво со глава кога се обиде над голот, а потоа и најдобрата прилика на Летонија кога со волеј се обиде да го совлада Димитриевски, но нашиот голман успеа перфектно да одбрани.

Финишот на првиот дел ѝ припадна на Македонија. Особено во таа 40 минута кога имаше двојна шанса да поведе. Голманот Матревич беше во елемент, па најпрво го одбрани опасниот обид на Барди, а потоа и обидот со глава на Серафимов. Тој ја спаси Летонија во првиот дел и по шансата на Костадинов, па така на полувреме се замина со „чисти“ мрежи.

Ако во првиот дел имаше барем по две шанси на двете страни, во вториот дел беше далеку понеинтересно. Поучени од првиот дел, овојпат селекторите како да ги „стегнаа“ одбраните, и покрај тоа што дефанзивата на Македонија во одредени делови имаше пукнатини, кои Летонците не ги искористија. Шанса за гол за Македонија имаше Растодер, но неговиот удар го одбрани Матревич. Милевски во игра ги уфрли и Миовски, и Елмас, и Трајковски, „тешка артилерија“, но сето тоа мина без некоја сериозна шанса.

А, Летонија можеше и со победа да си замине од Скопје, затоа што ја имаше најубавата шанса на мечот. Во 70. минута еден отпадок Икауниекс со волеј го зафати од 20 метри, Димитриевски немаше контрола на ситуацијата, па за негова среќа и за среќа на Македонија таа заврши само во пречката.

До крајот на мечот главно игра на средина на теренот, со многу грешки и на едните и на другите фудбалери во завршните додавања, па така мрежите останаа нечепнати.

МАКЕДОНИЈА – ЛЕТОНИЈА   0:0

Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Гледачи: 4.000.

Судија: Милош Савовиќ (Ц.Гора).

Стрелци: /

Ж. Картони: Серафимов, Костадинов (М) – Икауниекс (Л).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Илиевски, Стојчевски, Серафимов, Ашковски (81’ Димоски), Костадинов (70’ Рамадани), Алими, Барди (46’ Ќамили), Чурлинов (60’ Елмас), Ристовски (60’ Трајковски), Растодер (60’ Миовски).

Селектор: Благоја Милевски.

ЛЕТОНИЈА: Матревич, Савалниекс, Балодис (46’ Веипс), Черномордијс (46’ Мелникс), Јурковскис, Циганикс (56’ Тонишевс), Икауниекс, Вапне, Зеленковс (84’ Савељевс), Дашкевич (70’ Мелнис), Гутковскис (56’ Регжа).

Селектор: Паоло Николато.

Се вчитува...