Македонија со пад од едно место на најновата ФИБА листа

Македонија падна едно место пониско на ФИБА ранкингот кога станува збор за рангирањето на машките национални селекции во европската зона на Светската кошаркарска федерација! Машката сениорска репрезентација на Македонија е на 59. место на светската рејтинг-листа, објавија од ФИБА, по завршувањето на августовските претквалификации.

По ова најново рангирање на Светската кошаркарска федерација, Македонија е со 198.6 бодови, доволни за нашата најдобра селекција да ја има и 29. позиција во рангирањето кога станува збор за европската зона на ФИБА.

Од нашите противници во групата, оној наредниот, во ноемврискиот ФИБА „прозорец“, односно претквалификациите за Евробаскетот 2029, репрезентацијата на Ирска е на 37. позиција во европски, односно на 82. место во светски рамки, и има вкупно 118.1. бода.

Луксембург бележи пад од две позиции, и сега е на 39. позиција во Европа, односно на 88. во светот со 109.0 бодови, додека пак Азербејџан, иако напредуваше за три места, сега е на 107. место во светскиот рејтинг, односно на позицијата број 44 во оној европскиот со 75.9 бода.

Инаку, лидер во светскиот поредок останува САД кој има 845.8 бодови, на втората позиција сега е Германија, новиот европски првак има 765.9 бода, додека Србија „падна“ за една позиција, со 761.8 поени. А во светскиот ТОП 5 се уште и репрезентациите на Франција и Канада.

Се вчитува...