Македонската фудбалска репрезентација се врати на првото место на табелата, и таму ќе остане барем до октомври и до следните квалификациски натпревари, откако вечерва на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје лесно и според очекувањата ја совлада најслабата селекција во групата Лихтенштајн со убедливи 5-0.
Македонија сосема очекувано доминираше на натпреварот, можеше да постигне и уште некој гол, особено во вториот дел кога имаше многу повеќе шанси.
Од практично првата добра шанса, избраниците на Благоја Милевски поведоа. Елмас во 19. минута ја зеде топката на триесет метри од голот, и тргна сам. Помина еден, уште еден, потоа уште двајца, па повторно уште еден, дојде до голот и пласираше во мрежата за предност на Македонија. Прекрасен слалом и гол за паметење на „дијамантот“ кај кого се гледаше дека има желба за игра, по „кам-бекот“ во Наполи.

До крајот на полувремето уште неколку полушанси за Македонија, но немаше промена на резултатот. Се обидоа и Трајковски, и Алиоски и Чурлинов, меѓутоа сето тоа беше далеку од опасност по голот на гостите.
Во вториот дел далеку подобра игра на Македонија. Поживо, подинамично влегоа момците на Милевски, и дојде резултатот. Се играше 51. минута кога по една одлична акција и асистенција на Илиевски, Барди го совлада Бухел и донесе 2-0.
Пет минути подоцна мрежата на Лихтенштајн се тресе и по третпат. Комбинација на средината на теренот на Македонија, а Барди со одлична асистенција до Чурлинов, овој мајсторски стрела во горниот десен агол од голот на Лихтенштајн, и победникот од овој натпревар беше решен.
До крајот само прашање на време беше со каков резултат ќе заврши мечот, откако стана јасно дека нашата селекција ќе ги запише трите бода.
Четвртиот гол падна во 82. минута. Алиоски испрати прецизна топка до Ќамили, овој од супер позиција го совлада Бухел и Македонија води со четири разлика.
Во 90. минута погоди и Лука Станковски, кој го постигна првиот гол во дресот на репрезентацијата. Корнер изведен од Барди, на првиот дирек Зајков со глава ја префрли топката на вториот дирек до Станковски, кој од непосредна близина го совлада Бухел.
МАКЕДОНИЈА – ЛИХТЕНШТАЈН 5-0 (1-0)
Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Судија: Хорациу Фешниц (Романија).
Стрелци: Елмас 19’, Барди 51’, Чурлинов 56’, Ќамили 82’, Станковски 90′
Ж. Картони: Илиевски, Рамадани (М) – Обервадицер (Л).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Илиевски, Стојчевски, Зајков, Алиоски, Чурлинов (59’ Ќамили), Алими (71’ Рамадани), Барди, Елмас (83’ Станковски), Миовски (71’ М.Ристовски), Трајковски (59’ Растодер).
Селектор: Благоја Милевски
ЛИХТЕНШТАЈН: Бухел, Малин, Требер (38’ Бек), Хофер (46’ Обервадицер), Волфингер (61’ Мајер), Лихингер (61’ Хеслер), Хаслер, Селе, Гепел, Натори, Саглам.
Селектор: Конрад Финфстик
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

