Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва (20 ч.) во Торшавн им гостуваат на Фарски Острови во првиот од двата натпревари во вториот дел од квалификациите за ЕП 2018 во Франција. Во вториот натпревар на 25 март, Фарски Острови ќе гостуваат во Скопје.
Во првите два квалификациски натпревари, Македонија има два порази од фаворитите во групата, Шведска и Србија. А два порази има и репрезентацијата на Фарски Острови.
Денешниот дуел е шанса за македонските репрезентативки да стигнат до првата победа во овој квалификациски циклус. За претстојните два натпревари, селекторот Симе Симовски направи мали корекции во составот со приклучувањето на Марија Штериова и Моника Јанеска, кои имаат добра клупска сезона и добро се вклопуваат во постојниот систем на игра.
„Практикувам што е можно поедноставни решенија и во напад и во одбрана за да можат да го прифатат тоа. Едноставното е најлесно, најинтересно за прифаќање, а бенифитот е голем. Не сакам да ги усложнувам ситуациите, останувам на тој систем на тренирање и очекувам во скоро време тоа да даде резултат“ – истакнува селекторот Симовски.
Во ланските квалификации за ЕП 2017, Македонија ги победи фарски Острови со 21-19 и како втора во групата обезбеди пласман во баражот за ЕП во кој беше елиминирана од Шведска.
„Мислам дека имаме добра шанса со оглед на тоа што првиот натпревар го играме во гости. Ќе се бориме и верувам дека ќе одиграме добро. За сите нас многу е битно да победиме во овој дуел, да почнеме да веруваме во себе и да одиме чекор напред. Се надевам дека ние голманите ќе бидеме на висина на задачата и дека ќе се вратиме со победа од Фарски Острови“ – вели голманката Драгана Петковска.
Во другиот натпревар од нашата квалификациска група, денеска Србија ја пречекува Шведска во диретен дуел за првото место во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА