Кошаркарската репрезетнација на Македонија забележа победа и во второто коло од претквалификациите за Евробаскет 2029, откако вечерва по голема борба славеше на гостувањето против Ирска со резултат 76-88. Ирците се покажаа како незгоден ривал, имаа двоцифрена предност во првото полувреме, целосно парираа до две минути пред крајот, кога Македонија сепак успеа да се одлепи и да стигне до значаен триумф со кој се зацврсти на првото место на табелата.
Селекторот Илиевски направи лош избор на првата петорка, без класичен плејмејкер со Војдан Стојановски на „единица“, заедно со Мекиќ, Гуроски, Јакимовски и со Вајли. Ирците подобро го отворија мечот и набрзина поведоа со 8-0, а првите поени за Македонија ги постигна Јакимовски, по украдена топка во 3. Минута за 8-2. Кризата во нашата игра продолжи, па при 12-4 Илиевски мораше да побара тајмаут. Јакимовски повторно беше наш главен адут, постигнувајќи девет поени во првите шест минути и враќајќи ја Македонија во мечот (18-14). При 18-16 не погодивме тројка за прво водство, по што Ирците пак направија мини-серија и поведоа со 23-16. Скок-играта ни беше катастрофална во првата четвртина, па овој период го загубивме со 27-20 по положувањето на Магдевски, кој спречи уште поголема негатива во завршницата од овој период.
Ирците до двоцифрено водство, Македонија се врати
Проблемите продолжија и во втората четвртина, во која две и пол минути не постигнавме кош, а Ирците стигнаа до првото двоцифрено водство (31-20). Нивната серија со тројка ја прекиа Лејсон Зеќири, скокот повторно ни создаваше големи проблеми, но штом ја средивме одбраната следеше и наша серија, со тројката на Вајли намаливме на 35-32, принудувајќи го домашниот селекто да побара тајмаут. Во 19. Минута преку Зеќири успеавме да израмниме на 37-37, а десетина секунди подоцна со тројката на Стојан Ѓуроски и да стигнеме до првото водство на мечот (37-40).Промашивме и тројка за „плус шест“, Ирците погодија на спротивната страна за 40-40, пред Магдевски да реализира по офанзивен скок и да ја одведе Македонија со предност на паузата.

Ирска отвори со четири поени во низа во второто полувреме, пред Јакимовски да ги постигне првите поени за Македонија во овој дел од мечот. И среќата ни го сврте грбот за момент, откако при 47-46 домаќините погодија тројка откако топката удри во обрачот, во врвот на таблата и на крајот мина низ мрежичката. Вајли влезе во ритам и со две погодени тројки ја врати Македонија во водство, при „плус три“ не искористивме два напада за поубедливо водство, по што домаќините израмнија со тројка по офанзивен скок. Илиевски побара тајмаут при 58-58, но повторно делувавме несигурно во рекетот, што придонесе во последните 10 минути да влеземе со минимална негатива од 62-61.
Се „одлепивме“ кога беше најважно
Четвртиот период го почнавме со пет поени во низа, пред судиите да се обидат да го вратат домаќинот со техничка грешка за Андреј Магдевски, еден од најдобрите во нашиот табор на овој натпревар (воедно и петта лична грешка на плејмејкерот). Во следниот напад – нов судиски подарок за домашната селекција по што нервите ги загуби селекторот Илиевски, а Ирска знаеше да го искористи тоа и од 62-66 поведе со 67-66. Повторно имавме проблеми со скокот, па Вајли се врати на терен на местото на Ѓуроски. На четири и пол минути до крајот резултатот беше израмнет (71-71), имавме 71-73 и две слободни фрлања што Мекиќ не ги искористи, а потоа не искористивме уште два напада и во последните 150 секунди влеговме со минимални 72-73.
Вајли погоди веднаш по тајмаутот на нашиот селектор, па Мекиќ изнуди намерна лична грешка додека Ирците беа во напад и Македонија на 2:05 до крајот имаше предност од 72-77. Meкиќ при 74-77 имаше важна украдена топка и изнуден прекршок по кој поведовме со 74-79, Зеќири мајсторски блокираше во одбраната, додека Војдан Стојановски избра перфектен момент за својата прва тројка на мечот, погаќајќи за 74-82 на 75 секунди до крајот. Надежите на домаќините потонаа кога Лука Стојановски изнуди лична грешка во напад, по што Јакимовски донесе „плус десет“ за Македонија. Нашиот најдобар кошаркар погоди и за 74-86, за заслужеа победа на Македонија изразена со конечните 76-88.
Јакимовски повторно беше најдобар поединец во нашите редови со 26 поени, Вајли имаше 20 поени и 9 скокови, а двоцифрени беа и Мекиќ со 12 и Војдан Стојановски со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

