По вчерашното злато на Давид Петков во поединечна конкуренција, и машката екипа на македонската универзитетска карате репрезентација освои злато во борби на Европската Универзијада во Лоѓ, Полска.
Карате-тимот составен од Петар Заборски, Петар Спасеновски, Давид Петков, Глигор Петков и Димитар Илиевски во финалето ја совлада Украина со резултат од 3-1.
На истиот реномиран шампионат, во индивидуална конкуренција со златно признание се закити и Давид Петков, додека Ангела Мојсовска освои бронза.
„Постигнавме голем резултат, за првпат на една европска универзијада македонските каратисти во екипна конкуренција се на највисокиот пиедистал. Задоволството е огромно во целиот тим. Екипниот медал, секако, е најтежок за освојување и затоа сите сме многу среќни. Успехот е поголем бидејќи Давид Петков успеа и во поединечна конкуренција во тежинската категорија -67 кг. да освои златен медал и заедно со бронзата на Ангела Мојсовска во категоријата – 68 кг нè направија многу горди. Вкупниот биланс од оваа универзијада се две златни медали и еден бронзен медал“ – изјави Бошко Заборски, селектор на универзитетската репрезентација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА