Македонија сонува ново кошаркарско чудо во Литванија

ЕКИПА во Клаипеда,

Стеван Цаневски

Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва во 18.30 часот повторно излегува на мегдан со Литванија, во обид да се реваншира на големиот фаворит за поразот од пред неколку дена во Скопје.

„Црвено-жолтите“ се свесни се пропустите во играта на првиот меч, во овој краток период се работеше на нивно минимизирање, а од таборот на македонскиот национален тим едногласно се најавува – излегување на терен без бело знаме. Напротив, избраниците на Алек Јончевски се подготвени за борба, решени да сторат се за да го изненадам големиот фаворит.

Впрочем, Македонија најголемата победа во својата кошаркарска историја ја забележа токму на гостински терен против Литванија, кога во четвртфиналето на Евробаскет 2011 ги шокиравме домаќините со 65-67. Токму таа историска победа дава верба за ново чудо на денешниот дуел.

„Знаеме како треба да одиграме, исто како во второто полувреме во Скопје. Чудниот судиски критериум и преагресивната игра што беше дозволена од арбитрите придонесе рано да се најдеме во голема негатива, но сметам дека таа лекција е научена, овојпат ќе одиграме квалитетно од првата минута и ќе се обидеме да одржиме ритам во текот на целиот меч, без преголеми осцилации. Она што е од исклучителна важност е скок-играта, не може да очекувате позитивен резултат ако имате 20 скокови помалку од противникот. Јасни се проблемите и лимитираноста во играта под рекетот, но затоа високите играчи мора да добијат помош и од нас од надворешната линија, сите заедно повеќе да учествуваме во таа скок-игра. Ако го оствариме тоа, ќе биде одлично“, изјави Војдан Стојановски, еден од двајцата актуелни македонски репрезентативци кои настапија и пред 13 години на тој незаборавен меч (вториот е неговиот брат близнак Дамјан).

Огромен плус за Македонија во однос на првиот меч е враќањето во националниот тим на Ненад Димитријевиќ, најдобриот македонски кошаркар кој не настапи во Скопје бидејќи имаше евролигашки обврски кон својот клуб Олимпија Милано.

„Ги гледав првите пет минути и потоа морав да излезам на терен, ги гледав потоа „хајлајтсите“ од натпреварот во Скопје и видов што се случувало. Тој пораз не не обесхрабрува, јас мислам дека секогаш вторите натпревари од ваквите двомечи ги играме подобро, малку повеќе сме заедно и тактички и психолошки сме поподготвени за тие втори средби. Клучно ќе биде да не си дозволиме таков старт како во Скопје, да парираме резултатски, да не дозволиме Литванија да се одлепи. Ако сме блиску на резултатски план, можеме да влеземе во неизвесна завршница, зошто да не и да изненадиме“, вели Димитријевиќ во пресрет на денешниот дуел.

Се вчитува...