Дека кошарката од година во година ни е се потрагична не е никаква тајна, но сепак боли реалноста – дека веќе не можеме да добиеме ниту противник што важи за потпросечна европска селекција, па ни се заканува бришење од кошаркарската мапа на Стариот континент.
А не дека не сме заслужиле, со третманот на репрезентацијата и непочитувањето на култот што сам по себе треба да го носи дресот со националниот грб. Кај нас тоа е повеќе товар отколку чест со години наназад, а дојде ред цената да ја плати – оваа генерација.
И вистинска штета е што нејзин капитен е Војдан Стојановски, момчето што буквално секогаш, па така и вечерва, остава срце на терен и дава се за Македонија. За жал, неговото име ќе остане запишано како лидер на генерацијата што направила не еден, туку неколку чекори наназад, секако најмалку по негова вина.
Кошарката ни тоне во дупка без дно, а сегашните порази се само резултат на случувањата во претходните години. И други селекции менувале генерации, но кај ниту една таа смена не минала така болно како во Македонија, за шест години од четврто место на Евробаскет, на работ на елиминација од Косово и Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА