ЕКИПА во Ереван, Ерменија
Владимир Булатовиќ
Македонија вечерва на националниот стадион „Вазген Саргсјан“ во Ереван може да запише историја за репрезентативниот фудбал.
Со триумф над селекцијата на Ерменија, македонската репрезентација може веќе и на два натпревари пред крајот на Лигата на нациите, да обезбеди прво место во групата 4 од Ц-лигата, и со тоа првпат во историјата пласман во Лигата Б, второто по квалитет лига-натпреварување од Лигата на нациите на УЕФА. Покрај наш триумф во Ереван, за тоа да биде реализирано ќе биде неопходно и дуелот меѓу Фарските острови и Летонија денеска да заврши без победник.
Но, Благоја Милевски и неговите избраници може да запишат и уште еден момент за аналите на македонскиот репрезентативен фудбал. По претходните две победи над Ерменија (2-0) и Летонија (3-0), доколку и денеска националниот тим победи без примен гол, Македонија за првпат во својата повеќе од 30-години независна фудбалска историја, може да дојде и до три врзани победи во квалификации без примен погодок.
Претходно, пак, три победи во низа има Милевски во квалификациите за СП 2022, победа над Ерменија од 0-5, па триумф од 3-1 против Исланд и победа од 0-1 против Италија во Палермо во полуфиналето од баражот но со еден примен гол, а Македонија уште само во еден наврат, во Лигата на нациите и во квалификациите за ЕП 2020 има три победи во низа. Но, никогаш три победи без примен гол.
Интересно досега во историјата Македонија никогаш не врзала четири едноподруго победи на официјални квалификациски натпревари под капата на УЕФА. Единствени четири врзани едноподруго победи се на почетоците од нашата фудбалска независност кога во првите четири свои историски, но сите пријателски натпревари, извојувавме четири победи, против Словенија (1-4) во Крањ во 1993 година, па против Словенија (2-0), Албанија (5-1) и Естонија (2-0) на домашен терен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА