Фудбалската репрезентација на Македонија испиша историја откако за првпат, дури во четвртото издание успеа да се пласира веќе и безмалку сигурно во Б-дивизијата од најмладото репрезентативно натпреварување на УЕФА, Лигата на нации.
Сепак, за разлика од претходните циклуси пласманот на првото место во групата не ни носи и директен бараж натпревар за пласман на едно првенство (Европски или Светско). Поради зголемувањето на репрезентации од 32 на 48 различни се квалификациите во сите конфедерации на ФИФА, а очигледно е дека од проширувањето Европа доби најмалку.
На Светското првенство во САД, Канада и Мексико од европскиот континент ќе се пласираат 16 репрезентации. Дванаесет места ќе ги дадат сите првопласирани екипи во регуларните квалификации кои почнуваат на пролет, а останатите четири места ќе дојдат по бараж дуелите.
Во баражот ќе се пласираат дванаесетте второпласирани репрезентации од секоја група во регуларните квалификациите, но и четирите останати најдобропласирани репрезентации од Лигата на нации кои немаат обезбедено директен пласман на Мундијалот или во баражот преку регуларните квалификации. Притоа, за тоа кои четири селекции од Лигата на нации ќе одат во баражот, ќе се одлучува од вкупната табела на првопласираните вкупно 12 репрезентации во дивизиите А, Б и Ц, во која е Македонија. Затоа на нашата репрезентација ќе и требаат две победи во ноемврискиот циклус, против Летонија и против Фарските острови, за што повеќе бодови на крајот во вкупната табела.
Секако, долг е патот затоа што најпрво ќе се очекува кои репрезентации од А и Б лигите ќе обезбедат место на СП или во баражот преку регуларните квалификации, а потоа кои од останатите ќе бидат подоброрангирани од нас во вкупната табела. Сето тоа ќе биде познато во ноември 2025 година, по крајот на регуларните квалификации.
Сепак ова учество во Б-лигата не само што мора да ја зголеми самодовербата кај нашите репрезентативци, туку и ни дава многу поголеми шанси за пласман на следното Европско првенство во 2028 година.
Ждрепката за групите во европските квалификации за СП 2026 ќе се случи или на крајот на ноември годинава или на почетокот на декември, а нашата репрезентација извесно ќе биде во третиот шешир.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА