Македонија славеше над Грција со 29-28 во вториот дуел од двомечот меѓу двете селекции што беше искористен за финално воигрување пред почетокот на ЕП 2024 во Германија. Денешниот дуел беше одигран зад затворени врати, па нема премногу конкретни информации околу случувањата на теренот, но она што е познато, „црвено-жолтите“ по голема борба успеаја да стигнат и до втор триумф над јужниот сосед кого синоќа го совладаа рутински со 33-30.
За разлика од вчерашниот дуел во кој Грција доминираше во голем дел од првото полувреме, овојпат стартот на дуелот мина во знакот на нашите ракометари. Избраниците на Кире Лазаров беа подобар противник во првото полувреме и на одмор заминаа со 15-12, но како што одминуваше времето, така темпото на игра на Македонија опаѓаше, а противникот го искористи тоа за целосно да се врати и да израмни на 28-28. Во самиот финиш македонската селекција успеа да стигне до победнички погодок, па триумфално ги заокружи подготовките за претстојниот европски шампионат.
За потсетување, Грција и Македонија во ноември одиграа два пријателски меча во Солун, кои завршија со една победа на Македонија и едно реми.
Македонските ракометари на 8 јануари патуваат за Германија, каде на 10 јануари во Дизделорф ќе го играат првиот натпревар од ЕП 2024 против селекцијата на Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА