Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва (19 ч.) во СРЦ „Кале“ ја пречекува селекцијата на Фарски Острови, во четвртиот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 во Франција. По подолго време, македонските ракометарки се во фаворитска улога на овој квалификациски дуел и очекуваат уште еден триумф пред скопската публика.
На гостувањето во Торшавн, македонската репрезентација славеше победа со 15-22, што влева самодоверба и дава дополнителна мотивација победнички да се заврши и денешниот натпревар во „Кале“. Иако Шведска и Србија се главни фаворити во групата, со нови два бода и Македонија теоретски останува во игра за пласман на ЕП пред последната фаза од квалификациите.
„Наше е да одиграме максимално концентриранио и мотивирано и да си го завршиме нашиот дел од работата во овој дел од квалификациите, па после ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Шведска и Србија се фаворити во групата, но победа си е победа. За нас е важно да фатиме добар ритам и да одиме напред“ – вели селекторот Симе Симовски.
Македонија на првиот меч одигра послабо во првиот дел, но тоа успешно го надополни во второто полувреме и се избори за првата победа во овој квалификациски циклус. Во изминативе денови по гостувањето на Фарски Острови, македонските ракометарки одработеа неколку тренинзи на кои се корегираа грешките пред денешниот реванш.
„Анализираме и ние и тие сигурно. Во Торшавн лошо го почнавме мечот, имавме грешки и неискористени шанси од преголема желба. Во второто полувреме се стабилизира играта и беше многу подобро. Верувам дека денеска ќе одиграме добро во „Кале“. Ако ги подобриме грешките, ќе имаме и многу подобар резултат. Но, во никој случај не смееме да го потцениме противникот. Тоа го потенцирав и пред првиот меч. Фарски Острови не се репрезентација од највисок ранг, но сепак тоа е скандинавска школа, имаат свој стил на игра, не отстапуваат од тоа и ако им се пружи шанса знаат да ја искористат“ – истакнува македонскиот селектор.
Во другиот натпревар од оваа фаза, Шведска на домашен терен славеше минимална победа против Србија (31-30) и сега овие две селекции се изедначени со по шест бода на првите две места во групата. Македонија е трета со два бода, а Фарски Острови по три одиграни натпревари се без освоен бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА