Македонската женска кошаркарска репрезентација ќе игра во групата Ф од квалификациите за Европското првенство 2027.
Денешната ждрепка одлучи македонските девојки да се во група со силните балкански селекции Грција и Хрватска, и плус и репрезентацијата на Данска.
Квалификациите ќе се играат во две рунди, при што првата е од ноември 2025 до март 2026 година во која ќе бидат 27 репрезентации поделени во шест групи.

Македонија ја очекуваат во Групата Ф два прозорци и вкупно шест натпревари. Пласман во втората рунда од квалификациите ќе обезбедат победниците и второпласираните на сите групи и уште три најдобри третопласирани селекции – вкупно 17 национални тимови, кои ќе се приклучат на Белгија, Шпанија, Италија, Франција, Германија, Чешка, Турција и Унгарија. Овие репрезентации нема да учествуваат во првата фаза од квалификациите затоа што во март 2026 ќе играат на посебни квалификациски турнири за пласман на Светското првенство.
Па, во втората фаза ќе учествуваат вкупно 24 селекции поделени во шест групи. Двете најдобропласирани селекции од секоја група, односно 12 тимови, ќе обезбедат пласман на Евробаскетот, каде директно ќе се приклучат четирите домаќини – Белгија, Финска, Литванија и Шведска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

