Машката ракометна репрезентација на Македонија во квалификациите за ЕП 2020 во Австрија, Шведска и Норвешка, ќе игра во третата квалификациска група против слекециите на Исланд, Турција и Грција. Ова беше одлучено со денешната ждрепка во Трондхајм. во која Македонија беше рангирана меѓу осумте носители од првиот шешир. Македонските ракометари беа во иста група со Исланд и во претходните квалификации за ЕП 2018 во Хрватска во кои имавме победа на домашен терен (30-25) и минимален пораз во гости (30-29). Со Грција пак игравме во баражот за СП 2015 во Катар и во овој дуел запишавме две победи (35-23 и 27-25).
На овој Европски шампионат кој за прв пат ќе се игра во три земји домаќини, за прв пат ќе учествуваат 24 репрезентации наместо досегашните 16. Во квалификациите учествуваат 32 селекции поделени во осум групи со по четири учесници и ова ќе биде најмасовен европски квалификациски циклус досега. Пласман на ЕП 2020 ќе обезбедат првите две селекции од секоја група и четирите најдобри третопласирани селекции во квалификациите, рангирани според резултатите што ќе ги имаат против првопласираната и второпласираната репрезентација од својата група.
Директен пласман на ЕП имаат Шведска, Австрија и Норвешка како домаќини на шампионатот и Шпанија како актуелен европски шампион. Другите 20 места ќе ги пополнат репрезентациите преку квалификациите.
Првата фаза од квалификациите ќе биде во периодот од 24 до 28 октомври 2018, вториот циклус ќе биде од 10 до 14 април 2019, а последните две кола ќе се одиграат од 12 до 16 јуни 2019 година.
ЕП 2020 ќе се одржи од 10 до 26 јануари 2020 година. Градови домаќини ќе бидат Гетеборг (прелиминарна рунда), Малме (прелиминарна рунда) и Стокхолм (финален викенд) во Шведска, Грац (прелиминарна рунда) и Виена (прелиминарна и главна рунда) во Австрија и трондхајм (две групи од прелиминарната рунда) во Норвешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА