ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Ракометна Македонија ги средува импресиите по поразот од Шпанија и се насочува кон Чешка, но во мислите останува една работа – дали Кире Лазаров ќе може да настапува за нашиот национален тим до крајот на овој шампионат. Најдобриот македонски ракометар по само единаесет минути игра се упати кон клупата, покажувајќи дека станува збор за проблем со мускулот на ногата и не се врати на теренот до крајот на натпреварот.
Раул Гонзалес веднаш по мечот изјави дека „најверојатно ова ЕП е завршено за капитенот“, во следните изјави покажа малку поголем оптимизам истакнувајќи дека „се надева дека ќе може да смета на Кире“, но јасно е дека работата е прилично сериозна.
Лазаров утрово во 9 часот со членови на нашиот медицински тим се упатил од Сент Мартин кон Загреб, каде во клиника во хрватскиот главен град врз него ќе бидат извршени детални лекарски прегледи.
„Ќе видиме што ќе кажат лекарите, но не изгледа добро“ – со песимизам говореа од нашиот национален тим по синоќешниот дуел со Шпанија.
Доколку биде утврдено дека станува збор за кинење на мускул, тоа ќе значи пауза од околу еден месец од терените, но дури и ако е мало истегнување, а не кинење, повредата е крајно незгодна, а шансите за настап на два натпревари во следните 72 часа – минимални.
Како и да е, надежта последна умира, па останува да го сочекаме специјалистичкиот извештај од Загреб и официјалната информација – дали Лазаров ќе може да игра против Чешка и Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА