Македонија во јуни ќе гостува на Чешка, во март пријателска и со Молдавија

Низ подготовките за настапот во новата сезона од Лигата на нации, македонската фудбалска репрезентација следната година планира вкупно четири пријателски натпревари во мартовскиот и во јунскиот термин предвиден од ФИФА за репрезентативни активности.

Како што е познато, веќе и официјално е договорен пријателскиот натпревар со Хрватска на 3. јуни во Ријека, а Македонија ќе одигра и тест дуел со уште еден учесник на престојното Европско првенство 2024, селекцијата на Чешка. На 10. јуни следната година Македонија ќе гостува и на пријателски натпревар против силната репрезентација на Чешка.

Интенцијата на селекторот Боби Милевски е сега низ пријателски дуели со силни европски репрезентации во иднина да се темпира формата пред официјалните натпревари во Лигата на нации, за разлика од досегашната долгогодишна практика главно тестовите да се користат за дуели со послаби од себе селекции.

„Ни претставува задоволство што ќе играме против едни од најсилните европски селекции. Тое е потврда за нашиот статус, силните репрезентации со голема почит гледаат на нашата селекција. Натпреварите во јуни ќе биде одлична можност да напредуваме како тим и се разбира да се обидеме да ја зголемиме конкуренцијата во тимот пред почетокот на квалификациските натпревари“ – истакна претходно селекторот Благоја Милевски.

Претходно, пак, во мартовскиот термин Македонија исто така ќе одигра два тест-дуели од кои, според нашите информации, веќе при крај е договорот за пријателски дуел со репрезентацијата на Молдавија во Скопје. Молдавија е репрезентација која мина низ одлични квалификации за ЕП 2024 во Групата Е, во мечеви во кои ремизираше и славеше гостинска победа против Полска, а ремизираше и со учесниците на ЕВРО 2024, Албанија и Чешка.

Останува да биде договорен само уште еден противник за мартовскиот термин, со што би се заокружиле сите четири тест мечеви предвидени низ подготвителниот период пред стартот на натпреварите од Лигата на нации во септември.

Се вчитува...