Македонија во најбрзо време мора да добие Олимписки таеквондо центар!

Македонија во најбрзо време мора да добие Олимписки таеквондо центар како поддршка за сите таеквондисти пред кои е повеќе од светла иднина, е пораката која ја испратија водечките лица од Македонската таеквондо федерација на денешната прес-конференција во Агенцијата за млади и спорт.

„Нашиот сон е да имаме олимписки центар само за таеквондо. Сите спортови навистина максимално ги почитуваме, но мислам дека таеквондото во моментов е водечки боречки спорт во Македонија и затоа ни е неопходен центар како дополнителна поддршка за сите натпреварувачи. Не за друго, туку затоа што Македонија преку овој спорт на следните Олимписки игри може да добие многу повеќе медали. Ако овој сегашен успех на Дејан Георгиевски не е доволно причина за изградба во најбрзо време на еден таков центар, не знаеме што друго може“ – истакнаа првите луѓе на Македонската таеквондо федерација, др. Борче Костовски како и тренерот на Дејан Георгиевски, Дарко Костовски.

На сето тоа, одговор и од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски кој најави изградба и адаптација на сали специјални за боречките спортови во Македонија.

„Очигледно е дека боречките спортови ни носат големи успеси на интернационално нив. Токму поради тоа еве може да кажам дека планираме изградба или адаптација на помали сали специјално за боречките спортови. Мој предлог првично во овој момент е и некои помали сали, како „Партизан“, да се адаптираат само за боречките спортови. Исто така во најскоро време како Агенција за спорти и млади ќе обезбедиме комплетни реквизити, татами и останати неопходни средства за тренинг на боречките спортови и за организација на натпревари“ – истакна Мојсоски.

Се вчитува...