Македонија во ноември може до серија рекорди: Првпат во Б-дивизија, бараж за СП и селекција со најдобар резултатски скор од формирањето на Лигата на нациите!

Македонската репрезентација со двете октомвриски победи веќе речиси сосема извесно, за првпат од формирањето на ова натпреварување на УЕФА, се избори за место во Б-дивизијата од Лигата на нациите.

Но, без сомнение, желбата на македонските репрезентативци e на најдобар можен начин да се заокружи настапот сезонава во Лигата на нациите, онака и како што се почна изминативе два месеци. Со максимален ефект и две победи во ноември избраниците на Благоја Милевски може да дојдат до серија рекорди, како домашни така и интернационални, со кои уште еднаш би го потврдиле потенцијалот и на оваа нова репрезентација која се градеше во 2024 година.

Некои од рекордите до кои македонската репрезентација може да дојде со максимален ноемвриски ефект:

  • Првпат од постоењето на Лигата на нациите која стартуваше во 2018 година, Македонија може да се избори за место во Б-дивизијата, втора по ранг лига според квалитетот на националните тимови. Со тоа, Македонија првпат во историјата да биде меѓу оние репрезентации кои по квалитет се од 16. до 32. место во Европа.
  • Со две победи во ноемврискиот циклус македонската селекција ќе го израмни рекордот на најдобар резултатски скор воопшто досега во Лигата на нации во сите дивизии – 16 освоени бода. Досега 16 бода во групната фаза на Лигата на нациите освоиле само Франција во сезоната 2020/21 во групата 3 од А-дивизијата (гол разлика 12-5), Велс во истата сезона но во Б-дивизијата во групата 4 (гол разлика 7-1), Холандија во сезона 2022/23 во Група 4 од А-дивизијата (гол разлика 14-6) и Грузија истата сезона во Ц-дивизијата во групата 4 (гол разлика 16-3). Нашиот национален тим сега е со 10 бода од четири натпревари и гол разлика од 8-1.
  • Македонската селекција во континуитет вторпат едноподруго, во два последователни циклуси, по оној за пласман на СП 2022, со две победи во ноември може да се избори за нов бараж за Светско првенство – што би бил најголем успех на македонскиот фудбал. Дел од 16 селекции кои ќе разигруваат за место на светскиот собир во 2026 година.
  • Со победа на првиот ноемвриски натпревар против Летонија на 14. ноември, Македонија ќе биде прва селекција која ќе избори пласман во повисок ранг на натпреварување во Лигата на нации.
  • Со победа над Летонците, нацоналниот тим првпат во историјата против една селекција со која има најмалку пет одиграни натпревари ќе има максимален ефект. Досега против Летонија имаме четири победи од исто толку меѓусебни дуели. Повеќе од пет победи против една селекција со која играла во меѓусебните дуели Македонија има само против Ерменија (8 победи), Лихтенштајн (10) и Малта (7), но против ниту една од нив нема максимален ефект.
  • Првпат во 30-годишното репрезентативно постоење Македонија би имала серија од четири едноподруго врзани победи, а со две победи во ноември и до серија од пет победи по ред.
  • Продолжување на серијата и од победи без примен гол која беше почната против Ерменија во септември. Голманот Столе Димитриевски може да го подобри сопствениот рекорд на несовладливост. Со два меча во ноември без примен гол може да дојде до 531 минута со незатресена мрежа, што е апсолутен рекорд во македонската репрезентативна историја.
  • Македонија со ноември и дефинитивно ќе го осигура своето место во третиот шешир пред ждрепката за квалификациите за СП 2026. Првпат од формирањето националниот тим ќе биде во трет шешир во еден квалификациски циклус за СП или ЕП.
  • Две победи во ноемврискиот циклус, согласно калкулаторот за ФИФА ранг листата, би не однеле на 61. место на листата меѓу најдобрите светски селекции. Тоа би бил најдобар пласман на репрезентацијата во последните 15 години. Последен пат Македонија била на 61. место, или подобро рангирана од тоа, на 26. мај 2010 година.

Се вчитува...