Машката ракометна репрезентација на Македонија утре официјално стартува со подготовките пред настапот на јануарското СП во Германија и Данска. За разлика од претходно, овој пат со најдрастични промени и со значително, но и реално подмладен состав.
Во тимот за СП во јануари во македонскиот состав дефинитивно ќе го нема долгогодишниот фактор на сигурност, Филип Миркуловски кој става крај на репрезентативната кариера, а ни неговата алтернатива на изминатите четири првенства, натурализираниот македонски репрезентативец Немања Прибак. Токму на плејмејкерската позиција е и најголемиот и можеби најчувствителен рез во промените кои долго се одложуваа, но некогаш секако, мораа да се случат.
Решението на центар ќе биде голем предизвик и за „ел команданте“, но и за играчите што ќе ја добијат довербата и ќе треба да ја оправдаат. Бидејќи токму од таа позиција и од тоа како ќе биде решена, во многу ќе зависи и играта, но и резултатите на Македонија на ова СП.
Што има на располагање селекторот Раул Гонзалес како алтернатива за Миркуловски од одбраните репрезентативци на скратениот список?
На „најжешката“ позиција, намерно или случајно оставени се и најмногу опции. Од одбраните 22 репрезентативци, пет се средни бекови (Филип Кузмановски, Горан Крстески, Марио Танкоски, Ласко Андоновски и Филип Чурлевски) плус Димитар Димитриоски кој иако игра на лево крило, по потреба може добро да покрие и на центар. Токму поради таа разноврсност, младиот ракометар на Металург се наметна како опција на левокрилната позиција на местото на Гоце Ојлески кој отпадна од составот по првата селекција.
Од стариот состав, на среден бек може да одигра и Филип Лазаров, а во одредени ситуации, како организатор на играта добро се снаоѓа и Филип Талески иако неговата прва позиција е на лев бек.
Најголем дел од одговорноста дефинитивно, ќе треба да понесе Филип Кузмановски. Ова СП за 22-годишниот бек на Еурофарм Работник со потпишан договор со Магдебург за следната сезона, ќе биде големиот тест да докаже дали е веќе изграден играч за голема сцена или останува само потенцијал за Суперлига.
Горан Крстески е исто така еден од поискусните во новата постава на средната бековска позиција. Некогаш голем репрезентативен потенцијал, но во изминатите години без поголема шанса да се наметне како стандарден во изборот.
Голема надеж и играч што има се и може да блесен и да биде важен адут во играта на македонската репрезентација е 20-годишниот бек на Металург, Марио Танкоски. Може да одигра добро и на среден и на лев бек, а со константноста во настапите за Металург во ЛШ и во СЕХА, но пред се во настапите за младинската репрезентација, Танкоски покажа дека е играч што може да повлече и што дефинитивно, заслужува внимание.
Шанса да се наметнат за место во најсилниот состав во подготовките пред СП, добија и малку поискусните, 27-годишниот бек на Пролет, Ласко Андоновски и една година помладиот Филип Чурлевски од Работник. Андоновски неколку пати досега беше во поширокиот репрезентативен ростер, но никогаш не влезе во потесниот состав за настап на ЕП или СП. Чурлевски прв пат веше повикан во сениорската репрезентација на собирот во октомври годинава, но не доби шанса да заигра на двата квалификациски натпревари со Турција и со Грција.
На другите позиции горе-долу ситуацијата е јасна. Покрај поискусните, на секоја позиција во комбинација влегува и по еден играч од подмладокот. Освен на десен бек, каде за место покрај капитенот Кире Лазаров конкурираат Мартин Серафимов и Томислав Јагуриновски, кој може да влезе во комбинација и за десно крило покрај Гоце Георгиевски и Мартин Поповски.
Македонската репрезентација првата фаза од подготовките ќе ја реализира од утре до 31 декември. Следува ден одмор за Нова Година, а од 2 јануари стартуваат завршните подготовки во рамките на кои ќе бидат одиграни и два контролни натпревари со репрезентацијата на Србија по кои ќе биде одреден и конечниот состав со кој Македонија ќе настапи на СП.
Настапот на СП, македонските ракометари го почнуваат на 11 јануари против Јапонија. Противници во групата Б во Минхен на Македонија ќе и бидат и селекциите на Бахреин, Шпанија, Хрватска и Исланд. Првите три репрезентации од групата обезбедуваат пламсан во втората фаза на СП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА