Словенија и Тунис одиграа нерешено 28-28 во четвртиот натпрева од Б Групата. Ова реми на Македонија и осигура пласман во следната осминафинална фаза на СП. Со ваквата разврска, Македонија е најмалку четврта. Во дирекетен дуел со Исланд, Македонија ќе се бори за третото место и за избегнување на првопласираниот од групата А во осминафиналето. Вообичаено за нашата репрезентација, до успехот се стигна со инфаркт-натпревар во кој воопшто и не бевме вклучени, откако Словенија на четири минути стигна негатива од четири гола, па со погодокот на Блаж Јанц, со цепелин на пет секунди до крајот му одзеде бод на Тунис и ја одведе Македонија во следната фаза.
Веселин Вујовиќ експериментираше со составот чувајќи дел од силите за пресметката со Шпанија в четврток, но и со таков тим Словенија водеше со 15-13 на крајот од првото полувреме. Тунижаните заиграа далеку подобро во вториот дел и набрзина го свртеа резултатот во своја полза. Се чинеше дека работата е завршена и дека во последното коло ќе водиме битка за осминафинале со Исланд, откако африканскиот вицешампион поведе и со 28-23 на шест минути до крајот. Вујовиќ нешто претходно го стави во игра Скок на голот, а вчерашниот „џелат“ на Македонија вечерва се претвори во херој, до крајот на мечот не примајќи ниту еден гол.
Предноста на Тунижаните се топеше, а клучниот гол го постигна Блаж Јанц од целепин на пет секунди до крајот, за огромна радост на целокупната македонска јавност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА