Низ вистински траорани мигови минува Македонија по огромната трагедија која се случи синоќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 51 млади лица.
Во овие едни од најтешки моменти во поновата историја на Македонија, огромен психолошки товар носат македонските ракометари кои, вечерва од 18:30 часот, во Словенија ги очекува квалификацискиот натпревар за ЕП 2026.
Без сомнение, Кире Лазаров и македонските ракометари, ги очекува психолошки најтешкиот натпревар во своите кариери. Но, и покрај сето тоа едногласно порачуваат дека овој пат мора и ќе играат за цела Македонија која денеска е облеана во тага.
Домаќините на мечот и од ЕХФ информираат дека ќе има минута молчење пред стартот на натпреварот во салата „Бонифика“ во Копер, а најавено е дека ракометарите ќе носат црна лента на тренерките при претставувањето и загревањето.
На првата средба во Скопје, Словенците славеа со 32-26.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА